Секој обичен човек денес мора да биде безмалку правен експерт за да може успешно да се справи со инвазијата на барања за наплата на долгови стари една, две, па и дваесет години. Граѓаните веќе го научија основното правило дека сметките за комуналии застаруваат за една година ако во тој рок не се тужени, но тоа знаење не им вреди многу кога ќе се најдат во ситуација да докажуваат дека сметката за која се бара присилна наплата е платена или пак застарена, пишува Вечер.
Ако не сакаат да дадат пари на гладно срце, самите мораат да проверат дали долгот е застарен, зашто ниту нотарите, ниту извршителите немаат обврска по службена должност да го прават тоа!
Се почнува со известување од нотар дека постои некаков долг кој треба да се плати, но во писмото што се праќа го нема доказот дека долгот е реален, односно навремената тужба. Адвокатите им советуваат на граѓаните кои имаат дилеми околу долгот да се обратат до нотарот за да ја видат тужбата и печатите на неа. Ако не ја најдат таму, треба да одат во суд и да ја побараат. А кога ќе дојдат во таква ситуација, треба да се вооружат со многу време и нерви.
– Приемниот печат е многу битен. Ги предупредувам граѓаните задолжително да го утврдат датумот кога е поднесен предлогот за наплата, бидејќи од тој датум се проверува дали е поднесен на време или се работи за застарен долг. Ако нема приемен печат, тогаш треба да се провери кај нотарот, кој е должен да го овозможи тоа, советува адвокатот Николчо Лазаров.
Долгот е застарен ако бил тужен и само еден ден по рокот до кој требало да се плати сметката испишан на фактурата. Затоа, треба внимателно да се проверат двата датума, при што треба да се имаат и сметката и тужбата. Надлежните, пак, велат дека најголемиот дел од долговите што се наплатуваат преку нотари и адвокати, дури и да се од пред 20 години, не се застарени.
Сепак, не одрекуваат дека има и граѓани кои ги чуваат старите платени фактури за струја, парно, вода, телефон… и успеваат да докажат дека не се должни, или пак биле упорни, оделе до крај и докажале дека долгот не е валиден.
Такви нема многу, бидејќи комуналните фирми во своите канцеларии ги имале судските печати и ги ставале на тужбите. Така многу лесно ги запазувале сите законски рокови и го избегнувале застарувањето. Ова до неодамна беше строго чувана, а денес е јавна тајна.
Постоењето на ваква практика го потврдија граѓани кои се обратија до Вечер приложувајќи тужби за неплатени сметки од пред една или две децении на кои има уреден и навремено ставен судски печат, но не и број под кој предметот е заведен во архивата на надлежниот суд. Сите инволвирани институции во процесот на присилна наплата сметаат дека ова било во ред, зашто на тој начин од една страна се растоварувале судовите, а од друга страна на комуналните претпријатија им се заштедувале огромни суми пари за тужбите кои требале да ги платат веднаш.
Откако на овој начин се задоволени и двете страни, товарот е префрлен на грбот на граѓаните, кои кога ќе сфатат дека долгот, колку и да им е сомнителен, мораат да го платат, треба да се подготват за нова голгота – соочување со неколку пати поголеми суми од испишаните на ненавремено платената сметка. На купче го плаќаат и основниот долг и каматите се до последниот ден, и адвокатските трошоци, и трошоците за нотар, и за извршител.
Повеќе на – Вечер.мк