Исламската држава повикува на освојување на Истанбул


Маскиран џихадист кој се претставува како припадник на радикалната сунитска организација Исламска држава ги повика во видео порака Турците да се кренат против „неверникот“ претседателoт Реџеп Тајип Ердоган и да помогнат во освојувањето на Истанбул.teroristi islamisti djihad

Турција е во состојба на зголемена безбедносна подготвеност откако кон крајот на јули ја започна „синхронизираната“ операција против терористичките организации, во кои се вклучени воздушни напади врз позициите на Исламската дражва во Сирија, односно овозможување на американските авион за оваа цел да ги користат турските воени бази, како и напади врз позициите на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) во северен Ирак. Истовремено, турската полиција и разузнавачките служби ширум државата речиси секојдневно спроведуваат апсења на припадници на радикални исламистички и политички групации, кои се осомничени за подготовка на терористички напади.

Ваквите активности на Анкара се оценуваат како голем пресврт во нејзиното однесување кон Исламската држава, бидејќи Турција од сојузниците беше критикувана дека не презема мерки за да го спречи префрлувањето преку нејзината територија на борци оружје за џихадистите во Сирија. Турските власти долго време не носеа одлука за преземање подрастични мерки, но откако на 20-ти јули млад Турчин припадник на Исламската држава изведе самоубиствен смртоносен напад во пограничниот град Суруч во кој беа убиени 34 курдски активисти, Анкара се одлучи за „отворање фронт против тероризмот“.

Маскираниот борец, како што истакнуваат турските медиуми, на беспрекорен турски јазик со повремено рецитирање од Куранот на ајети (стихови) и молитви на арапски јазик, во споменатата видео порака го обвинува претседателот Реџеп Тајип Ердоган дека „им ја продал земјата на крстоносците“, и им дозволил на Американците да ги користат турските воздухопловни бази за напади врз Исламската држава, само за да се задржи на позицијата.

Претходно џихадистот им се обраќа на Турците „коишто пред векови го примиле исламот“ и жали „што некои од нас започнаа да се поклонуваат на гробници“, што во своето ригидно сфаќање на исламот Исламската држава го смета за идолопоклонство и богохулство, и притоа тоа се илустрира со снимка на посета на Ердоган на џамија.

„Тогаш дојде секуларистот (Мустафа) Кемал Ататурк. Тој го принуди турскиот народ да се откаже од својата вера, наметнувајќи го секуларизмот“, додава маскираниот милитант и продолжува „Тогаш дојде предавникот Ердоган… Тој ги отфрли божјите закони. Тој се спријатели со Американците, Евреите, крстоносците, атеистите на Ататурк, и отпаднатите шпиони на семејството Сауд“, се вели уште во пораката

„Турски народе морате неотповикливо да се кренете против тие атеисти, неверници и крстоносци кои ве поробија“, изговара милитантот кој не се претставува со никакво име во видеото, зад кого стојат двајца вооружени брадести мажи со турбани на главите. Меѓутоа, забележливо е што во пораката нема конкретни закани.

Турските медиуми притоа толкуваат дека термините „атеисти“ и „неверници“се однесуваат на Работничката партија на Курдистан (PKK) и на Слободната сириска армија (FSA), којашто официјална Анкара ја поддржува во борбата против сирискиот претседател Башар ал-Асад и на нејзиното водство му дава прибежиште на турска територија, главно во Истанбул.

Агенцијата Reuters не добила потврда за автентичноста на снимката датирана со 17-ти август (понеделникот), ниту од турските, ниту од западните разузнавачки служби. Американскиот разузнавачки интернет ресурс SITE, кој ја следи активноста на исламските екстремисти, го опиша видеото како повик на турските борци во Исламската држава до сонародниците муслимани на вооружен бунт.

Видеото беше емитувано на речиси сите турски медиуми. Неговиот наслов е „Порака за Турција“, а како производител се потпишува „државното биро за медиумите Рака“, односно референца за овој град во истоимената покраина во Сирија, кој Исламската држава го прогласи за престолнина на нејзиниот „калифат“ прогласен на териториите во Сирија и во Ирак.

„Заедно, под командата на Абу Бакр ал-Багдади, да го освоиме Истанбул“, се заклучува во пораката на Исламската држава.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1