Истрага против мајка од Скопје за малтретирање дете


Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело запуштање и малтретирање дете

Поради основано сомнение дека осомничената, во периодот од 15.06.2018 до 06.07.2018 година, во повеќе наврати, со гру­бо за­по­ста­ву­ва­ње на сво­ја­та долж­ност за гри­жа и вос­пи­ту­ва­ње како родител, го за­пу­штила своето дете и како резултат на тоа кај детето-жртва настапила те­шка те­лес­на по­вре­да, со која бил доведен во опасност неговиот живот.

Како што е наведено во соопштението од ОЈО Скопје, во временски период додека таткото на детето родено во мај 2017 година се наоѓал на издржување на казна затвор, мајката не му пружила соодветна родителска грижа на детето, повремено го оставала само или го препуштала на грижа на други лица без притоа да внимава на сигурноста, безбедноста и потребите на детето. Како резултат на тоа, детето се здобило со тешки телесни повреди на телото и главата со кои бил доведен во опасност неговиот живот и на 7 јули годинава било примено на Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје.

Во рамки на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител сослушал повеќе сведоци и ја испитал осомничената, по што била издадена наредба за утврдување на психијатриската состојба на осомниченото лице, како и наредба за вештачење на видот и карактерот на повредите кај детето.

-До овој момент не е утврден идентитетот на лицето што директно ги нанело повредите кај детето, но надлежниот јавен обвинител и натаму презема дејствија за утврдување на фактите и доколку се утврди кривична одговорност на конкретен сторител и против него ќе биде поведена постапка, се наведува во соопштението.

Од страна на Центарот за социјални работи на детето му е одреден привремен старател и тоа е згрижено во Домот за доенчиња во Битола.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1