Независната кандидатка Хенриете Рекер, која во саботата беше нападната со нож и тешко повредена од маж противник на попустливите политики кон имигрантите, избрана е во неделата за градоначалничка на Келн, покажуваат прелиминарните резултати.
Хенриете Рекер, која беше хоспитализирана и оперирана по нападот, добила 52,7 отсто од гласовите, според резултатите коишто ги објави градската управа, по пребројувањето на три четвртини од гласачките ливчиња во неделата вечерта.
Независната кандидатка, поддржана од Христијанско-деморкатската унија (CDU) на германската канцеларка Ангела Меркел, Зелените и слободната демократска партија (FDP), за градоначалничката функција во четвртиот по големина град во Германија, беше прободена во вратот за време на кампањата во саботата. Според лекарите, иако станува збор за сериозна повреда, се очекува 58-годишната Рекер целосно да закрепне.
Таа беше нападната во напнатата атмосфера во Германија предизвикана од политиките на „отворени врати“ на канцеларката Меркел кон бегалците, а нападот ги извел 44-годиѓен невработен Германец, кој во текот на 1990-те години бил близок на крајната десница.
Меркел ја изрази во саботата својата запрепастеност по тешкиот напад врз кандидатката Рекер.