Во израелски напад врз Појасот Газа беа убиени најмалку двајца Палестинци. Претставници на палестинските спасувачки екипи соопштија дека израелските авиони утринава го бомбардирале западниот дел на Појасот Газа. Притоа, повредени биле седум лица, од кои двајца подоцна им подлегнале на повредите.
Во текот на ноќта од Сирија беа испукани пет ракети врз Голанската висорамнина, која е окупирана од страна на Израел во 1967 година. Израелската армија соопшти дека ракетите паднале на различни места. Нема извештаи за штети или жртви. Израел во јуни, по еден напад од Сирија во кој имаше и жртви, бомбардираше позиции на сириската армија.
Само неколку часа претходно, од јужниот дел на Либан врз северот на Израел беа испукани две ракети. Погодена е куќа во Галилеја, соопшти израелското радио. Израел, според медиумите, поднесол жалба кај меѓународните трупи за набљудување Унифил во јужен Либан. Во текот на изминатиот месец Израел беше три пати гаѓан од радикални борци од Либан. За ваквите напади во минатото одговорност преземаше група која е поврзана со терористичката мрежа Ал Каеда.
Израелската армија соопшти дека во текот на вчерашниот ден од Појасот Газа врз Израел биле испукани најмалку 60 ракети. Гранатата, која во петокот уби едно четиригодишно дете во Израел, наводно била испукана од близина на училиште на Хамас.