Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска објави дека го раскинува договорот за закуп со фирмата „Лудвиг Фајфер“, а најави и тужба за портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Реакциите на министерот доаѓаат по објавените информации дека компанијата која го добила тендерот за проектот „Реконструкција и продолжување на канализациона мрежа во Прилеп“ раководен од Министерството за финансии закупила деловен простор за потребите на проектот во неговата куќа во Прилеп.
Тој ги повика Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија и сите надлежни органи да проверат дали има „макар и најмал сомнеж“ за корупција и конфликт на интереси. Тој рече дека ја издал куќата откако на влезната порта објавил оглас на лист хартија дека се издава.