Како д-р Оз од почитуван лекар стана телевизиски шарлатан


Како талентираниот, наградуван кардиоваскуларен хирург со дипломи од трите најугледни универзитети стана човек кој промовира појаси за симнување на „перничињата“ на стомакот? И зошто милиони луѓе го препуштаат своето здравје во рацете на телевизискиот лекар чии совети, сѐ поочигледно, се шарлатански? dr oz
Тие прашања, по повеќемесечно истражување на кариерата на Оз, во петокот ги објави новинарката на американскиот портал „Вокс“ Јулија Белуз. Доктор Оз со години е глобално највлијателниот ТВ – лекар. Неговата емисија, која се емитува од 2009 година, просечно ја гледаат повеќе од 4 милиони луѓе во 118 земји. Оз издава свој магазин „Добар живот“ и редовно пишува колумни за најпопуларните американски изданија. Држи радиски емисии, објавува неколку книги годишно, а неговата официјална веб-страница функционира како најпосетен сервис за прашања и одговори за здравјето, пишува хрватски Телеграм.

Први јавни напади

Има милиони следбеници на Фејсбук, Твитер, Пинтерест и Јутјуб. Преку сите тие канали проповеда, всушност, само една дубиозна порака: своето здравје можете да го држите под контрола со помош на едноставни трикови и природни лекови. Американските институции и научната заедница од неодамна сѐ повнимателно ги следат неговите иницијативи. Првиот посериозен потрес на имиџот на Оз се случи во јуни минатата година кога американските сенатори го нападнаа на јавното сослушување пред пододборот за заштита на потрошувачите. Го повикаа во склоп на истрагата за огласување лажни производи кои, демек, помагаат во слабеењето. „На ниту еден и најмалку сериозен лекар не му е јасно зошто го правите тоа. Три производи кои ги прогласивте за чудотворни, научната заедница јавни ги исплука“, го нападна сенаторката Клер Мекаскил.dr oz2

Урнебесни резултати на студијата

Конкретно, Оз во својата емисија го нарече чудотворен екстрактот од зеленото кафе, за кој истражувањата одамна покажаа дека нема апсолутно никаков ефект на слабеењето. На сенаторите во таа прилика тој им призна дека „повремено користи малку разубавени изрази“, но додаде дека производите кои ги препорачува во емисијата им ги дава и на членовите на семејството. Сведочењето на Оз немаше никакви правни реперкусии. Како што се чини, ниту најмалку не се одрази на неговата глобална популарност.

Сеедно, во последните месеци Оз не го напаѓаа само американските сенатори. Пред неколку дена десетина лекари, на чело со Хенри Милер од Стенфорд, го обвинија дека промовира надрилекарство. Во острото писмо побараа да биде отстранет од Универзитетот Колумбија, каде повремено предава. Неодамна беше објавена исцрпна студија во „Бритиш медикал журнал“ со урнебесни резултати. По случаен избор одбрале 20 производи кои Оз ги рекламира во својата емисија и детално ги тестирале. Се утврдило дека речиси половина од тие препораки немаат никаков докажана ефикасност или предизвикуваат контраефект.

Срамот со еболата

Се посрамоти и минатата зима, додека паниката околу еболата кулминираше. Тогаш во една емисија нафрли дека можеби вирусот сепак би можел да се шири преку воздухот, што во научната заедница предизвика општо исмевање . Оз е единствениот познат лекар кој излезе со таква идеја во јавност откако виролозите постигнаа глобален консензус за доказите околу пренесувањето на еболата.
Чудната реторика која сериозните луѓе и институции јавно ја преиспитуваат, меѓутоа, не се одрази на милионите негови фанови кои и понатаму безусловно го обожаваат. За време на своето повеќемесечно истражување, новинарката Белуз разговарала со десетина колеги на Оз, ментори и останати стручњаци кои доаѓале во допир со неговата работа. Некои од нив го познаваат од самите почетоци – од деновите кога само што излегол од Харвард и од Универзитетот Пенсилванија. Белуз разговарала и со фановите на Оз, меѓу кои е и нејзината мајка.

Сите сакаат да ги оперира

Благодарение на манијакалното копање по минатото на докторот, дознала дека Оз од детството инклинира со алтернативни техники и дека неговото оддалечување од официјалната медицина се зголемувало како што станувал пославен. Сите поранешни соработници со кои разговарала новинарката се колнат, сепак, дека Оз е еден од најдобрите стручњаци кои го сретнале.

„Кого и да прашате во оваа болница кој би сакале во операционата сала, ако сега ги фати срце, повеќето би ви одговориле  – Мехмет – рекол Ричард Грин од презбитеријанската болница во Њујорк, каде што Оз работел со години.
Никој не сакал да коментира зошто точно еден очигледно талентиран и успешен лекар, кој извршувал 400 операции годишно, се продал до тоа ниво. Од друга страна, обожавателите со кои новинарката на „Вокс“ разговарала, се колнат дека Оз е првиот ТВ-лекар кој не им е здодевен и им дава надеж. Харизматичниот Оз очигледно имал шанса да стане глобална ѕвезда со која лекарската заедница притоа нема да се мајтапи. Жално, што не станал, резимира Белуз.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1