Речиси пет години по несреќата, во Полска сè уште кружат теории на заговор, најмногу во конзервативната партија “ПиС” на Јарослав Качински, брат близнак на загинатиот претседател.
Според транскриптот и аудио-записите од една од црните кутии, кои експертите повторно ги дешифрирале, главниот командант на воздушните сили, генералот Андржеј Бласик бил во пилотската кабина во последните минути од летот, се до неговото трагично завршување.
“Факт е дека на крајот ќе мора тоа да го направиме”, рекол шест минути пред ударот во земја, повторувајќи ја реченицата која десет минути претходно ја изрекол шефот на протоколот во министерството за надворешни работи, исто така во пилотската кабина.
“Ајде, имаш доволно место!”, му рекол генералот Бласик на пилотот на висина од 300 метри. Изгледа дека тоа било поттик за продолжување на слетувањето.
Пилотите во последните моменти залудно се обидувале од кабината да ги оддалечат лицата кои не биле членови на екипажот, може да се слушне на транскриптот објавен на интернет страната на радиото RMF FM.
Во несреќата на 10. април 2010. година, загинале претседателот Качински, неговата сопруга и уште 94 лица, меѓу кои високи воени и политички службеници