Катрин Денев се растажи на пресот во Битола


Француската филмска дива Катрин Денев, која е главна гостинка на 33 македонски филмски фестивал Браќа Манаки Битола, денеска во 11 часот одржа прес конференција во големата сала на Домот на културата во Битола.

„Убавицата на денот“ (како што носи наслов еден нејзин култен филм) се покажа во вистинско светло, вистинска француска дама. Со самото држење и интелегенција, таа го направи пресот пријатен. До неа беше седната напорната модераторка (новинарка од српската „Политика“) која сакајќи да одглуми опуштена, на еден вештачки начин, и „рамна“ по статус на гостинката, упорно поставуваше прашања на лош и конфузен англиски јазик, на кои Катрин ја опоменуваше дека не и го разбира прашањето, ја пресекуваше во одговорите и зборуваше далеку повеќе од ѕвездата, за на крај во културен и дискретен француски манир Катрин да почне да ја одбегнува гледајќи или барајќи „нешто“ во својата ташна.

И новинарите , во речиси полуполната сала, не беа блескави со прашањата (налик на истите кои и се поставуваат на Јелена Карлеуша).


Катрин одговори на сите прашања, објасни зошто ја сакала Мерлин Монро, која е нејзин идол, поради талентот, убавината, сексипилот на ниво на божица, и истовремено срамежливоста во карактерот… дека нејзин идол во младоста, пред да почне да глуми на платното била Керол Ломбард, дека ги сака филмовите од 40-тите и 50-тите години, дека фустанот кој го носеше синоќа е дело на Жан Пол Готие… од неа дознавме и дека таа самата смета не само што таа е феминистка, ами тврди и дека сите жени се феминистки, дури и кога негираат дека се.

Измачена од непотребни прашања, како и прашања од типот дали дошла во Македонија поради минатото или сегашноста ( иако самата таа поојасни дека за фестивалот дознала кога добила официјална покана), едно време се вцрви од нервоза и се растажи.

Ја расположи и насмеа, пред крај на средбата, комплиментот од една обожавателка од Битола. Таа и кажа дека како 10 годишно девојче го гледала филмот со Катрин кој и наликувал на бајка, со прекрасна музика, и дека поубава принцеза од Катрин на фимското платно немала видено.

На забелешката која се слушна во редовите на новинарите дека новинарите не умеат да се носат со прашањата со ѕвезда од ваков ранг, и дека редакциите треба добро да ги подготват пред да ги пуштат на ваков прес, некој рече- па добро, Катрин за тоа е платена, да трпи…
Директорката на „Mанаки“, Лабина Митевска (забележливо во блажена состојба) на крај беше заштитник- телохранител на Катрин и панично ги одалечуваше сите што сакаа да и се доближат и, фотографираат и добијат автограм од причина што и самата Катрин не сака фотографирање.

Автограм на големата фотографија од француската легенда доби еден битолчанец кој ја фотографирал Катрин пред повеќе од 15 години на фестивал во Карлови Вари.

Останува и уште една генерална забелешка- непотребната скопската доминација во екипата и дирекцијата на фестивалот, како во Битола, вечниот град на културата во Македонија, да нема културни, достоинствени, паметни и образовани луѓе кои би го воделе овој фестивал, кој му припаѓа на имињата и делото на Битолчаните, браќата Милтон и Јанаки Манаки, првите фотографи на Балканот.

ФОТО – Град Битола

Tags: , , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1