Ќе мрзнат и оваа зима, а ќе плаќаат сметки за парно! Не стивнува револтот кај исклучените граѓани!


Исклучените граѓани од системот за парно кои со години плаќаат сметки за услуги кои не ги користат се регистрирале и  како Здружение. Сега велат и официјално ќе можат да ја продолжат битката за правда, поради како што велат кражбата која им се случува секој месец. Сметките стигнуваат на нивните адреси, а тие и оваа зима велат ќе мрзнат со други алтернативни начини на греење, бидејќи потенцираат, наталожените долгови за парно не им оставаат можност достоинствено да живеат. Револтираните  граѓани кои иако исклучени плаќаат сметки за парно и оваа сабота ќе протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика. Услугата од поранешна Топлификација ја откажале бидејки не биле задоволни од топлината која ја добиваат , а и цената велат била превисока.parno

“Кога голема група на граѓани има постојан проблем,нормално е со тек на време да се самоорганизираат против злото што ги мачи. На почетокот беа поединци кои се бореа со правни мерки против лошите и незаконски одлуки. Луѓе како Стамен Филипов и Стрезо Стрезовски  беа пионерите кои ги рушеа законите во Уставен. Токму таму падна и одлуката на град Скопје исклучените граѓани од топлификација кои не живеат во становите да плаќаат 50 отсто од сметките. Се насочија кон изноѓање на нов начин на кражба на граѓанте. Апетитите не спласнуваа, па во желба за пари енормно  ги зголемија сметките за греење. Во тој период се исклучија 20 000 домаќинства или скоро 50 % од корисниците. Во 2009- та фирмата ги започна своите состаноци во Владата од каде побара да се вратат условите создадени со одлуката на Советот на град Скопје  и исклучените да се примораат да се вратат во системот. Тогаш надлежноста за регулирање на цените и правилата за дистрибуција на топлинска енергија се предадени на Регулаторната комисија за енергетика кја е државна институција управувана од Власта. Со новиот правилник пробаа да го озаконат грабежот на граѓаните. Правилникот сметаме дека е против уставен и ги крши законите”-вели Марјан Ненов од Здружението на оштетени граѓани.

Оштетените граѓани кои иако исклучени се третираат како потрошувачи правдата ја бараат на домашните и меѓународните судови. Не чуствуваат никаква вина, а сметките дел од нив велат дека не ги плаќаат и не се плашат од извршители. Со ваков проблем се засегнати околу 20 илјади домаќинстава. Најголемиот дел од нив се корисници на услугите Балкан Енерџи Груп, а живеат во скопските населби Аеродром , Ново Лисиче , Центар и Карпош.

“Откако се донесе спорниот правилник и негово оспорување до Уставен следеше менување на составот на судии, па судот се прогласи за ненадлежен иако во претходниот состав беше донесена одлука во корист на граѓаните. Следуваа потписи и иницијативи против работата на БЕГ,Топлигикација и РКЕ,  потоа заеднички тужби. Судот ја отфрли тужбата како неуредна, потребна беше огромна документација од преку 260 тужители. Протестите траат, за криминалот и правилникот се известија Владата, претседателот, премиерот, Јавното обвинителство, странските амбасади, невладините организации, политичките партии”-додава Ненов.

Институциите досега не се одважија  и сеуште не одвоија време да ги чујат нивните маки.

“Државните институции се прогласија за ненадлежни. Единствено интерес да не сослушаат покажаа невладините, Народниот правобранител. Ја известивме и Дирекцијата за заштита на личните податоци за кражбата на личните податоци д страна на компанијата Балкан енерџи. Почнавме иницијатива за собирање на потписи за измена на Законот за енергетика. Формиравме Здружение на граѓани со цел поништување на криминалниот правилник на Регулаторната комисија за енергетика, нови тужби пред судовите во Стразбур како и санкционирање на сите прекршители на граѓански права во организираниот криминал”- нагласува Ненов.

Граѓаните не отстапуваат од своите барања. Сметаат дека им се кршат човековите права , бидејки им стигнуваат сметки за услуга која не ја користат. Потписи доставиле и  до странските амбасади, да ги информираат и да побараат помош и од дипломатскиот кор во земјава.

Faktor.mk

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1