Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ на 24-ти март во 14.45 часот (по локално време) се искачи на врвот Анапурна 1 (висок 8.091 метар). Дејановиќ со овој неверојатен потфат стана единствениот Македонец кој досега има искачено три врва повисоки од 8.000 метри, лани имено тој се искачи на К2 (8.611 метри), а претходно во 2010 година се искачи и највисокиот светски врв Монт Еверест (8.848 метри).
По повод неговиот успех, во Агенцијата за млади и спорт (АМС), која со 400.000 денари му помогна на Дејановиќ, беше организирана прес конференција.
„Успехот на Здравко не е случаен, не е инцидентен успех, по искачувањата на Монт Еверест, К2 и Анапурна 1. Ова е резултат на проектите и напортите коишто Федерацијата ги прави во изминатите десетина години. Не би кажувал што значи искачувањето на Анапурна, само би кажал нешто што важи во меѓународните спортски клубови, дека искачувањето на Монт Еверест се претставува како освојување златен олимписки медал, тогаш може да замислите што значи кога за три години ќе се искачите на Монт Еверест, К2 и Анапурна“, рече претседателот на Планинарската федерација на Македонија, Јовица Угриновски.
Дејановиќ беше дел од 13-члената експедиција наречена „Дримерс дестинејшн“ која успеа да се искачи на најопасниот светски врв (десетти по висичина). Тимот кој го освои најтешкиот врв за искачување во светот заедно минатата година се искачи на К2.
Овој врв е најмалку успешно искачуван, од неговото прво искачување во 1950 година, Анапурна ја искачиле околу 160 алпинисти. Како што вели Дејановиќ оваа мала бројка доволно кажува колку е тежок и ризичен за искачување овој врв.
„Имав еден куп информации во врска со Анапурна (теренот, тежината на искачување, опасностите), но тоа таму што го видов ‘рака на срце’ мислам дека е многу многу потешко од она што го очекував. Тешкиот терен и опасностите од лавините придонесоа базните кампови да бидат поставени пониско од она што вообичаено се практикува“, рече Дејановиќ.
Инаку, вообичаено врвовите кои се во Непал, меѓу кои е и Анапурна, се искачуваат кон крајот на мај, а аклиматизацијата започнува кон средината на април. Тимот на Дејановиќ решил поради опасностите од лавините искачувањето да го направи во зимски услови.
„Се покажа дека врвот го искачивме на 24-ти март, што, за жал, е три дена подоцна од она што би се третирало како зимско искачување, коешто би имало многу поголема тежина во светот на алпинизмот. Анапурна во зимски услови досега ја имаат искачено само полски тим““ истакна Дејановиќ.
Уште на почетокот на искачувањето тимот имал среќа и се спасил од лавина, Дејановиќ вели дека десет метри ги делеле од сигурна смрт. Самото искачување се одвивало по тешки временски услови, со екстремно ниски температури ( и до минус 30 Целзиусови степени) и многу снег.
Лошите услови за искачување придонеле тимот на Анапурна 1 да се искачи подоцна од планираното, односно околу 15 часот на 24-ти март.
„Поради сé што ни се случуваше, Анапурна ја нареков Бермудски триаголник на Хималаите, мислам дека на врвот температурата беше 40 степени Целзиусови под нулата, без разлика што овој врв е понизок од Еверест и К2. Дуваше многу студен ветер коишто почна да делува негативно на психолошката состојба на алпинистите. Луѓето, горе на врвот, ги губеа моторните функции, некои подоцна кажаа дека не биле свесни дека треба да извадат камера. Од 13 членови на експедицијата само лидерот на тимот и јас успеавме да извадиме камери и да направиме снимки. Јас го извадив македонското знаме и знамето на Федерацијата и тие неколку секунди најверојатно ќе ги платам со два прста кои што треба да бидат ампутирани, другите три прста некако ќе ’преживеат’. Но воопшто не жалам поради тоа“, вели „хималаецот“ Дејановиќ.
Голготата на експедицијата започнала кога тие тргнале да се спуштаат во четвртиот базниот камп. Турчинот во експедицијата доживеал колапс и не бил во состојба сам да се движи, а во лоша психофизичка состојба сите други членови на тимот.
На 7.400 метри експедицијата останала обвиена во темнина, по што решиле под отворено небо да ја минат ноќта.
„Тоа беше вертикала, немавме опрема, немавме шатори, а и да ги имавме на таа вертикала ќе немавме каде да ги ставиме. Околу седум часот наутро започнавме да се спуштаме кон четвртиот камп со вертикални јажиња, кога стигнавме таму останавме сé до осум часот наредниот ден“, вели македонскиот алпинист.
Од експедицијата во која бил Дејановиќ двајца не го преживеале спуштањето од Анапурна 1, на 7.400 метри животите ги загубиле финскиот алпинист Самули Мансика и локалниот водич ткн шерпас Пемба.
Кога стигнале во првиот камп сите членови на тимот имале измрзнатини од четврти или петти степен, тие потоа со хеликоптери биле префрлени во болницата во Катманду, Непал.
Искуството кое го носи од најсмртоносниот светски врв за Дејановиќ е непроценливо, благодарен му е на Бога што преживеал и поради тоа решил оваа година да не прави повеќе никакви потфати.