Ќе плаќаме сметки и за пречистување на водата


Дали граѓаните во Скопје и во 37 општини во земјава ќе пијат поскапа или поевтина вода од 1 јануари ќе одлучат советите на општините и градот, но цената нема да може да се движи под минимално и над максимално утврдената од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Регулаторната комисија за енергетика ги објави решенијата за утврдување тарифи за водни услуги за периодот од 2018 до 2020 година на територија на земјата. Опфатени се 30 јавни претпријатија во општини кои имаат над 10.000 жители и 7 јавни претпријатија за водоснабдување чиј основач е Владата.

– Општините и Градот Скопје можат да утврдат каква цена ќе плаќаат домаќинствата и за другите корисници на водата за пиење во рамки на нивните политики. Ние ги утврдуваме просечната тарифа за вршење водни услуги, како и минималната и максималната цена и не навлегуваме во политиката на општинските совети. Општините сами ќе ја определат висината на тарифите по категории на корисници – домаќинства и останати – вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров.

Според пресметките на РКЕ, во дел од општините треба да се зголеми цената на водата, а во дел од нив да се намали.

– Регулаторот ја утврдува само просечната минималната и максималната цена на водата и пречистувањето на отпадните води, но не ги пресметува услугите за комунален смет. Што значи во конечната сметка за вода граѓаните ќе ги имаат пресметано и пречистувањето на отпадните води како и дополнително како и сега надоместокот за услугата за собирње комунален смет – појаснува Петров.

Регулаторите пресметале дека за Скопје просечната цена на водата треба да изнесува 21,50 денари за кубен метар потрошена вода, минималната 20,11 денари и максималната од 22,88 денари за кубен метар вода. Висината на просечната регулирана цена на пречистување на отпадна вода изнесува 2,27 денари, минималната 2,04 денари и максималната од 2,50 денари за кубен метар. Или минималната цена на водата со пресметан надомест за прочистување на отпадните води би изнесувала 24,44 денари за кубен метар, просечната 23,77 денари и максималната 25,38 денари што е пониска од сегашната цена на водата што ја плаќаат скопјани, се разбира, доколку Советот на Град Скопје се определи за една од трите можни варијанти на цена на водата.

Сега скопјани плаќаат по 29,39 денари од метар кубен со тоа што разликите во крајната сметка се должат на различната дворна површина, оддалеченоста на населбата за комуналните трошоци и другите теренски фактори.

Во вкупната сметка испорачана од ЈП „Водовод и канализација“ за скопјани ќе се пресметува и износот за собирање смет каде што просечната цена изнесува 11,48 денари, минималната 10,44 денари и максималната 11,50 денари.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека ЈП „Водовод и канализација“ побарало намалување на цената за 1,82 отсто, но регулаторите во решението утврдиле намалување на цената за 2,68 отсто согласно минималната тарифа.

– Цената на водата во Скопје во 2018 година ќе се намали сè додека не се воведе тарифата за прочистување на водата која треба да се воведе следната година – рече Петров.

Петров образложи дека Регулаторната комисија за енергетика при утврдување на просечните тарифи за водни услуги имала предвид цената на водната услуга да не го надминува прагот на достапност, одреден на ниво од три отсто од просекот на вкупниот приход по домаќинства во подрачјето во кое се обезбедува водната услуга.

 

Од први јануари новиот тарифник за вода ќе треба прво да го воведат општините со над 10.000 жители, а од 2019 нови цени ќе добијат и помалите општини.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1