Клучни точки од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска од министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас.
ИМЕ
Официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име).
ЈАЗИК
Со Договорот се признава – Македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици
ДРЖАВЈАНСТВО
Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија – во сите патни документи
СПРОВЕДУВАЊЕ
Македонија ќе го поднесе Договорот до Собранието за ратификација.
Доколку одлучи, Македонија може да спроведе референдум
Македонија почнува постапка за усвојување амандмани на Уставот, предвидени во Договорот.
Македонија треба да ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 година.
Грција ќе го ратификува Договорот
ВРЕМЕНСКИ РОКОВИ
Два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“:
– „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација во Македонија за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува најдоцна во рок од пет години по стапување во сила на Договорот.
– „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Македонија. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со ЕУ и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.
НАТО/ЕУ
Грција се обврзува да не приговара на барањата за членство или членството на Македонија во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции, во кои членува Грција.
Македонија ќе бара прием во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции под името Република Северна Македонија.
Грција ќе го извести претседателот на Советот на ЕУ дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на Македонија. Грција ќе го извести генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да ѝ упати покана за пристапување на Македонија. Таквата поддршка на Грција е условена, со исходот на референдумот, доколку Македонија одлучи да одржи референдум.
ГРАНИЦИ
Македонија и Грција ја потврдуваат нивната постоечка меѓусебна граница како трајна и неповредлива меѓународна граница. Ниту една од страните нема да има или да поддржува никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата страна, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постоечка граница.
ДРУГО
– Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
За Грција – тие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Грција, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.
За Македонија – тие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство.
– Во рок од шест месеци Македонија ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културно наследство на Грција, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство.
– Во рок од еден месец страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди.
– Страните се согласуваат дека нивната стратешка соработка ќе ги опфати сите сектори, како што се земјоделство, цивилна заштита, одбрана, економија, енергија, животна средина, индустрија, инфраструктура, инвестиции, политички односи, туризам, трговија, прекугранична соработка и транспорт.
– По стапување во сила – Грција го подига нивото на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на – Амбасада и обратно.
– Страните натаму ќе ја развиваат нивната економска соработка во сите области. Особен фокус ќе се стави на јакнење, зацврстување и продлабочување на нивната билатерална соработка во областа на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот.
– Страните сите спорови ќе ги решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации.