Кој и како треба да плати и пријави придонес за хонорар


Хонорарците кои примаат хонорар повисок од минималната плата утврдена со закон, освен корисници на пензија, од 1 јануари годинава стануваат обврзници за плаќање придонеси. Тие или нивниот работодавач во нивно име се должни најдоцна до 15 во месецот, за претходниот да пријават, пресметаат и платат придонес за задолжително пензиско осигурување од 18 отсто и за задолжително здравствено осигурување 7,3 отсто.

Основица за пресметка на придонесите претставува бруто надоместокот (хонорар) утврден во договор за дело, авторски договор или друг договор. Се плаќаат придонеси само за хонорарот кој е повисок од минималната плата, која за годинава е утврдена на износ од 9.590 денари.Denari

Како обврска за хонорарците останува и обврската за плаќање и на персоналниот данок од 10 отсто, што значи тие во иднина ќе добиваат чист хонорар помал за 35,3 отсто од бруто износот кој го договориле со работодавачите.

Придонеси за пензиско и здравствено осигурување, според новите обврски, плаќаат и пријавени вработени кои кај својот работодавач остваруваат дополнителен приход (хонорар), како и непријавени лица кои остваруваат приход од договор кај еден работодавач и лицата кои остваруваат хонорари од договори со повеќе работодавачи.

Доколку граѓанинот е вработен и остварува дополнителен приход кај еден работодавач, тогаш во името на хонорарецот – сега обврзник за плаќање придонеси, барањето за осигурување, договорот и пријавата М1/1, копија од трансакциска сметка, доставува работодавачот (правното лице), кое прави пресметка и врши уплата на придонеси. Фондот на ПИОМ донесува решение со основица за плаќање на социјалните придонеси и изготвува М1/М11 за период наведен во договорот (ако исплатувачот на договорот не е и работодавец).

За лицата кои немаат осигурување (не се пријавени), а имаат договор кај едно правно лице (фирма), тогаш барање за осигурување поднесува граѓанинот или работодавачот во негово име. Работодавачот е должен во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување да достави М1/М2 образец со податоци од склучениот договор и барање за пријавување на придонесите и копија од трансакциона сметка.

За овие лица, Фондот подготвува решение со основица за плаќање, а фирмата изготвува и доставува месечна пресметка за интегрирана наплата (МПИН) и ги плаќа придонесите. Фондот електронски ги информира УЈП, Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување за тоа.

Фирмите (правните лица) се должни на Управата за јавни приходи да и доставуваат месечен извештај за износот на бруто надоместокот утврден во договорот за дело, авторскиот договор или друг договор, за исплатениот нето надоместок, пресметаниот придонес за задолжително пензиско и здравствено осигурување за лицата на кои им исплаќаат хонорар повисок од минималната плата, најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец.

Кога граѓанинот остварува приход (хонорари) кај повеќе работодавачи, тогаш тој самиот е должен да пријави, пресмета и плати придонеси, ако збирот на сите хонорари (нивниот нето износ) го надминува утврдениот износ на минимална плата. Овие граѓани во Фондот за пензиско осигурување самите треба да ги достават договорите за дело, авторскиот договор или друг договор за кој им се исплаќа хонорар. Фондот потоа врши пресметка на придонесот кој треба да го уплати и му дава решение. Податоците Фондот потоа електронски ги доставува до Фондот за здравство, УЈП и Агенцијата за вработување.

Физичките лица кои имаат склучено повеќе договори, а немаат осигурување, до Фондот ги доставуваат договорите, барање за пријавување, потоа договорите и копија од трансакциона сметка. Фондот за нив изготвува решение со основица за плаќање и составува М1/М11 само за периодот наведен во договорот. За новиот осигуреник електронски ги известува Фондот за здравствено, Агенцијата за вработување и Управата за јавни приходи.

Фондот изготвува и доставува месечна пресметка за интегрирана наплата за придонесите за ПИО и здравствено осигурување, при што осигуреникот е должен да ги подигне пресметките и да изврши плаќање на придонесите.

Највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите е износот од шест просечни плати.

При пресметка на највисоката месечна основица за тековната година се зема предвид просечната плата на ниво на земјата, објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Највисоката месечна основица ги вклучува сите примања на обврзникот за плаќање на придонеси од работен однос и примања по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, остварени во тековниот месец.

На износот повисок од највисоката месечна основица не се пресметуваат и уплатуваат придонеси.

PlusInfo.mk

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1