Членовите на СДСМ во Струга се договриле да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник д-р Владо Кочоски за да може првото место во градот да му припадне на Македонец.
Со заеднички сили лутите политички ривали, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се обидат во Струга градоначалничката фотеља да ја зафати Македонец, пишува Утрински весник. Според информациите на весникот, Струшките членови на СДСМ ќе го поддржат кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Владо Кочоски, на претстојните локални избори во надеж дека ќе успеат заеднички да го добијат местото прв човек во градот.
Според анализата на Утрински, пред четири години, албанските партии поделија над 15.000 гласа, а иста беше и ситуацијата со македонските со таа разлика што сега, Фиат Цаноски се договори со ДУИ, тие да го поддржат во Маврово – Ростуше, а тој од своите гласачи да побара поддршка за кандидатот на ДУИ, Арбен Љабеништа.
Во Кичево за разлика од Струга, нема договор меѓу македонските политчки партии.
Локалната организација на СДСМ иако нема кандидат, нема ни најава дека ќе го поддржи кадарот на ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотовски. Кичево до сега го водеше Македонец, но со новата територијална поделба и приклучувањето на неколку околни општини во кои живее доминантно албанско население битката за прв човек на општината станува неизвесно.
Кога опозицијата би го поддржала Деспотовски, тогаш изборите треба да ги решат доселениците од дијаспората за кои Ахмети најави специјален превоз.
Во Маврово – Ростуше, поддршката од ДУИ за кандидатот на ПЕИ според Утирнски може да ги чини загубени избори во Тетово и Гостивар каде секој циклус, гласовите на МАкедонците го решавале победникот.
Актуелниот градоначалник во Маврово, Мукрем Мехмеди, доби благослов од Груевски за нов мандат, но ДУИ и ПЕИ соопштија дека нивен заеднички кандидат е Зунун Зунини.
„ДУИ прави една голема грешка, а тоа е што ни го минира кандидатот за градоначалник на Маврово-Ростуше. Место да ни дадат поддршка во битката со СДСМ, тие се обидуваат да направат коалиција со Фијат Цаноски и да го поддржат нивниот човек, а за возврат од нив да добијат поддршка во Струга. Отворено им кажавме, во ред, ќе ја добиете Струга, ние можеби ќе останеме без Маврово, ама пак, бидете убедени дека ќе изгубите во Гостивар и во Тетово“, уште пред дваесетина дена гостиварските членови на ВМРО-ДПМНЕ испратија јасна порака. Во Гостивар и особено во Тетово, македонските гласови ќе бидат одлучувачки при изборот на градоначалник, имајќи ги предвид заплетканите односи меѓу трите најголеми албански партии – пишува Утрински
Извор : Утрински
Од друга страна пак порталот Скај ги демантира пишувањата на Утрински повикувајќи се на изјава од Рената Т. Десковска, член на ИО на СДСМ
– Социјалдемократскиот сојуз кажа јасен став во однос за учеството на локалните избори, се друго што се пушта во кулоарите е обична шпекулација, изјави денеска Рената Т. Десковска, член на ИО на СДСМ, одговорајќи на новинарско прашање дали е точна информацијата дека го поддржуваат кандидатот за градоначалник во Струга и советничката листа од ВМРО- ДПМНЕ.
За тоа како ќе се одрази неучеството и бојкотот во одредени општини, каде што мнозинството не е македонско население, таа посочи дека треба да мисли Груевски и ДПМНЕ, кои, според неа, ја доведоа Р. Македонија, да има опозиција во бојкот за време на локални избори, пишува Скај.