Кујната во гостиварската болница е затворена по извршената контрола од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Инспекторите од АХВ биле повикани од анонимни лица да извршат надзор на хигиената во болничката кујна поради сомневање за безбедноста на храната. Мостри од храната се веќе земени, а зошто е кујната затворена веќе три дена засега никој не кажува, јавува телевизија Тера.
Во болницата потврдуваат дека кујната е затворена откако инспекциски служби издале решение за реновирање на објектот. Концесионерот на кујната веќе не доставува храна за болните и му било наложено да склучи договор со друга фирма од каде треба да ја набавува храната.
Од компанијата концесионер на кујната за медиумите информираат дека пациентите добивале здрава и безбедна храна и дека никој не се пожалил на труење.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство засега не даваат никаква официјална информација за тоа зошто бил затворен објектот. Првичните сомневања се дека бактеријата листерија била пронајдена во пилешка посебна салама на друг производител, а не на Екстра меин. Иако е лесно да се утврди кој е производителот кој добавува салами за концесионерот на кујната во гостиварската болница, засега никој не го кажува името на производителот.