„Зошто си разочаран? Уште пред три години во Велес јавно те молев да ме примиш, да те запознам со случајот на Тамара и до ден денес не нè прими иако знаеше дека те чекам пред Министерството. Тамара имаше болки, молеше за помош, ама ти не најде време да нè примиш и да нè сослушаш и затоа немаш одговорност“, напиша на својот профил на Фејсбук, Жаклина Димовска, мајката на Тамара, откако вчера министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека му било жал за смртта на деветгодишното девојче и дека направил се што можел ама тоа не било доволно.
Тамара имаше деформитет на рбетот и чекаше согласност да биде оперирана на државен трошок откако министерот вети дека државата ќе го плати нејзиното лекување. За жал, Тамара не го дочека тој ден.