Грција успеа во намерата да спречи Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија известува МИА.
Маратонскиот состанок на Советот за општи работи (ГАК), вечерва заврши со заклучок без датум и скрининг за нашата земја, иако Европската комисија и комесарот за проширување Штефан Филе годинава по четврти пат побараа Македонија да ги отпочне преговорите, посебно што ги исполнува сите реформи што ЕУ ги бара од неа, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Ако четирите параграфи од заклучокот за Македонија беа познати од претходно, клучниот петти параграф претрпе сериозни измени и наместо датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија во јуни 2013 година и снимање на поглавјата 23 и 24, министрите за надворешни работи и за европски прашања под притисок на Грција и делумно Бугарија, на крајот го договорија следното:
– Со оглед на евентуалната одлука на Европскиот совет за отворање на преговори за членство со поранешната југословенска Република Македонија, Советот, врз основа на извештајот што ќе бидат презентиран од страна на ЕК пролетта во 2013 година. Истиот ќе го испита спроведувањето на реформите во контекст на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и преземените чекори за промовирање на добрососедските односи и постигнување на компромисно и взаемно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН, се вели во заклучокот на ГАК, каде притоа се додава дека во оваа перспектива, Советот ќе го оцени извештајот во текот на следното претседателство со Унијата.
Понатаму се вели дека под услов оценувањето да биде позитивно, Комисијата ќе биде поканета од страна на Европскиот совет без одлагање да достави предлог за рамка за преговори со Република Македонија, во согласност со Европскиот совет во декември 2006 година и воспоставената практика.
– ЕК ќе треба да спроведе процес на аналитички преглед на законодавството на ЕУ на почетокот со поглавјата за судството и основните права и правда, слобода и безбедност. Советот ја зема предвид намерата на Комисијата да ги спроведе сите неопходни подготвителни работи во овој поглед, гласи крајот на клучниот петти параграф кој дефинитивно ги закопа надежите на комесарот Филе, Комисијата и мнозинството на земји-членки дека Грција нема да го стави во заложништво целиот процес на проширување на Унијата.
Единствено што уште од претходно не беше спорно е заклучокот дека „Советот го поздравува напредокот постигнат во голем број клучни политички области, вклучително и во однос на законската рамка за избори, во областа на слободата на изразување и јавната администрација. Советот го нотира прегледот на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и ја охрабрува Владата на поранешната југословенска Република Македонија да се движи брзо во следната фаза на разгледување“.
Притоа, во друг параграф се наведува дека Европскиот Совет го забележува особениот придонес на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), што се наведува дека дејствува како катализатор за реформи.
– Истакнувајќи дека континуираните напори се потребни, Советот повикува реформите да продолжат со континуирано фокусирање на владеењето на правото, вклучувајќи ја слободата на изразување, борбата против корупцијата, меѓуетничките односи и помирувањето. Советот потсетува дека спроведувањето на Охридскиот рамковен договор останува суштински елемент на демократијата и владеењето на правото, се вели во овој параграф од заклучокот за Република Македонија.
Исто така, не е спорно ниту тоа дека Советот во голема мера ја дели оценката на Европската комисија дека политичките критериуми продолжуваат доволно да се исполнуваат и посветува внимание на препораката дека треба да се отворат пристапните преговори со Република Македонија. Но, министрите извршија и мала измена во четвртиот параграф, во кој се наведува следното:
– Како што е утврдено во заклучоците на Европскиот совет од јуни 2008 година, одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи и постигнување на заеднички прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН, останува од суштинско значење. Постои потреба да се донесат долготрајните разговори за прашањето за името до дефинитивен заклучок, без одлагање. Советот го поздравува импулсот кој е генериран од последните контакти/размена меѓу двете страни, по грчкиот предлог-меморандум за разбирање и е охрабрен од последните контакти со посредникот на Обединетите нации. Во контекст на целокупната важност на одржувањето на добрососедските односи, Советот исто така ги нотира неодамнешните контакти на високо ниво меѓу поранешната југословенска Република Македонија и Бугарија и очекува нивно преведување во конкретни акции и резултати, се вели во овој параграф на кој најмногу инсистираше Бугарија.
Во очекување на прес-конференцијата на која треба да излезат еврокомесарот Филе и кипарската министерка за надворешни работи Ерато Козаку-Маркулис, јасно е дека на Самитот на Европскиот совет во четврток и петок, лидерите на земјите-членки само ќе го усвојат овој заклучок кој е голем пораз за ЕУ и процесот на проширување кој беше клучен за добивањето на вчерашната Нобелова награда за мир во Осло.
Mia