Нашата фудбалска репрезентација, убедливо беше поразена на пријателскиот натпревар против Полска, кој се одигра во Анталија. Полјаците ни подарија убава слика за тоа до каде е македонското фудбалско првенство.
Тие поведоа во 10-та минута од доста сомнителна ситуација по која главниот судија Хусеин Гоџек сметаше дека Остоја Стјепановиќ направил недозволен старт над Јадловец и се одлучи да покаже на белата точка, нашиот голман Кристијан Наумовски успеа да го одбрани ударот од 11 метри на Павловски, но на одбиената топка натрча Милиќ и ја смести топката во нашата мрежа.
Неодлучноста и заспаноста во нашата одбрана му помогнаа на Павловски во 23-та минута да го постигне вториот гол за Полска. Единствен посериозен обид нашите репрезентативци имаа во 40-та минута преку Ѓоргиев. Во второто полувреме нашите заиграа малку подобро но полските фудбалери не им дозволуваа на нашите да створат посериозна шанса, напротив по нафрлена топка од корнер во 64-та Једричек шутираше со глава и го совлада нашиот голман.
Во 76-та минута фудбалерот на Шкендија, Музафер Ејупи имаше убав обид со глава, но голманот на Полска одбрани под самата пречка. Во продолжението по нова грешка во нашата одбрана и лошата реакција на Цикарски, Полска преку Собота во 79-та минута постигна уште еден гол и дојде до предност од 4:0. До крајот Полјаците ни ја препуштија иницијативата и во 87-та со удар од околу 25 метри Дејан Блажевски фудбалерот на Хоризонт Турново постигна убав погодок.
Иако погодокот беше навистина убав, сепак овој индивидуален потег не може да го промени впечатокот дека нашите фудбалери одиграа лошо.
Автор – Перица Гиевски
Фото – Мкд.мк