Македонската полиција доби регионална награда за сузбивање компјутерски криминал


Секторот за компјутерски криминалитет и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи е добитник на првата награда за најуспешно реализирана акција за разбивање меѓународна криминална група што вршела нелегална терминација на меѓународен во национален телефонски сообраќај.

Наградата е доделена од регионалната организацијата SELEC во која членуваат 12 земји од Југоисточна Европа. Наградата е добиена заедно со истиот сектор од МВР на Србија.kompj

Криминалната група, во која имало 10 лица од Република Македонија, во соработка со организираната криминална група од Србија, на почетокот од 2013 година, набавиле и бесправно користеле телекомуникациски уреди за терминација на телефонски повици.

Уредите преку интернет мрежата ги поврзале со мрежата на странски мобилни оператори  преку  SIM картички и остварувале интернационален сообраќај по цена од локален телефонски сообраќај. Со тоа, криминалната група, извршила директна финансиска загуба на оштетените мобилни оператори, стекнувајќи се само од мобилните оператори во Република Македонија со противправна имотна корист од  506.312 евра.

Посебно значајна за истрагата и реализацијата на ова дело, беше размената на информации преку SELEC и офицерите за врска од Република Македонија и Република Србија.

Инаку, денес во Охрид отпочна со работа дводневната регионална конференција на 12-те земји од Југоисточна Европа-членки на SELEC.

Учесниците на конференцијата ќе имаат мултидисциплинарен пристап во размена на искуствата и трендовите од областа на комјутерскиот криминалитет и дигиталната форензика.

Учесници покрај претставници на Министерствата за внатрешни работи од земјите членки на SELEC се и претставници на банки, мобилни оператори и други претставници на релевантни институции од земјите членки.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1