Сите деца во светот знаат за Брус Вејн кој што облекувајќи го црниот костим се претвара во Бетмен – најлошиот кошмар на секој криминалец, за обичниот средношколец Питер Паркер и за неговото алтерего необичниот Спајдермен или пак за натприродните моќи на Супермен кој што кога не го спасува светот се претставува под името Кларк Кент.
Но ако мислиме дека архетипот маскиран херој со таен идентитет е оригинален американски изум, едвај ли би биле во право.
Ако Бетмен својата маска ја користи за да вдахне страв во секој еден криминалец, во Македонија луѓето со векови наназад верувале дека затскривајќи се зад страшните маски, со нив, на церемонијален начин, ќе успеат да ги избркаат злите духови.
Ваквите обреди во Македонија се задржале кај народот и до ден денес и секоја година се изведуваат на неколку карневали. Повеќе од три декади пред Џери Сигл и Џо Шустер да го измислат, сега веќе светски познатиот американски херој, Супермен, и шеесет години пред Спајдермен за прв пат да се појави на страниците на Amazing Fantasy, низ поробена Македонија крстосувал еден друг херој кој што исто така често пати се служел со таен идентитет.
Тој иако за разлика од Супермен немал надчовечки моќи, тоа не го спречило, покрај бројниот непријател, да ја обиколува цела Македонија и во голем број на градови и села да го засади семето на македонската револуционерна организација и на борбата за национално ослободување.
За него народниот гениј ја испеал „Абер ми дојде од Солуна града“, а името на овој македонски херој, сигурно веќе погодувате дека е Гоце Делчев.
Неговите подвизи во кои што се служел со таен идентитет не се само дел од македонскиот фолклор.Според оваа песна додека властите во Солун му спремале бесилка, Гоце преправен во ќумурџиче, без при тоа да биде откриен, спокојно се шетал низ Солунската чаршија и го исмевал аскерот.
Гоце Делчев навистина во повеќе наврати маскиран се појавувал пред будниот, но недоволно продорен поглед на османлиските власти. Влегувајќи во устата на ѕверот, Гоце, на два наврати претставувајќи се како друг го посетил Даме Груев додека тој бил во Битолскиот затвор.
Таен идентитет користеле и други припадници на ВМРО. За случајот со киднапирањето на Мис Стон, весникот The Stark County Democrat (стр. 2), од 22 октомври, 1901 година соопштува дека било извршено од Македонци маскирани како Турци:
„…Софиските кореспонденти на Politische Correspondenz, на Pester-Lloyd и на други весници беа во право кога соопштуваа дека Македонците преправени како Турци ја киднапираа Мис Стон…“
Речиси истово е соопштено и во весникот The bee, (стр. 3) од 24 октомври, 1901 година. Но ова не е единствениот случај во кој Македонците се преправале во непријателот. Во весникот The Ocala banner (стр. 6), од 28 ноември, 1902 година, се соопштува дека Македонци, припадници на ВМРО, се маскирале во османлиски жандарми: „Во солунскиот округ беше нападната куќата на главниот човек на селото. Тој избега, но неговата сопруга и двата сина и двете ќерки беа прободени со бајонет. Се тврди, дека ова е извршено од емисари на македонскиот комитет преправени како жандарми.“
За време на својата последна посета на Македонија во 1912 година, македонскиот револуционер Пере Тошев ја поминал границата под туѓ идентитет и со пасош на туѓо име (Т. Ст. „Пере Тошев, спомени за него и сведоштва“, Илустрација Илинден, година 3., книга 5 (25), стр. 1-3, април 1930 година).
Иако историски непотврдено, според едно македонско народно предание за него (Танас Вражиновски „Македонски народни преданија“, цит. дело, стр. 26-29) со таен идентитет, преправен како царски курир, се служел и Александар III Македонски. Интересно е и тоа што самиот Александар III Македонски се споменува во веројатно најдобрата графичка новела за маскирани херои – Watchmen, а и еден од главните ликови од оваа новела, во голема мера е инспириран од делото на великиот македонски војсководец.
Да, Македонија можеби нема светски познати маскирани херои како Супермен, Бетмен или Спајдермен, но оние маскирани херои кои што Македонија ги има, за разлика од нив, не се измислени ликови, туку вистински луѓе кои поради својот хероизам прераснале во легенди!
Александар Стеванов