Сојузот на синдикатите на Македонија е непријатно изненаден од прес конференцијата на претседателката на Советот за социјална политика која со ваквиот настап врши директен атак врз борбата на синдикатите да учествуваат и да вршат контрола врз сите средства кои што работниците ги одвојуваат во фондовите посебно во Фондот за здравство, Фондот за ПИО , Агенцијата за вработување и сл. Зачудува фактот што ова се прави од страна на партија со социјал-демократски определби која по правило треба да ги поздрави сите активности – работничките организации да бидат присутни при распределбата на средствата.
Ова е интегралното соопштение од Синдикатот реакција на Прес конференцијата на СДСМ на која обвинија СДСМ: Груевски го „плаќа“ претседателот на ССМ за поддршка на Владата
Очигледно дека некому му пречи доследното остварување на социјалниот дијалог, унапредувањето на правата на работниците измените во законската регулатива , учеството на работничките организации во управните одбори, зголемувањето на платите, зајакнување на позицијата на синдикатите, и респектирање на барањето на синдикатите.
Долгогодишно беше барањето на синдикатите да учествуваат во работата на управните одбори. Добро е што како резултат на упорните барања на синдикатите Владата на РМ ги усвои барањата на синдикатите и овозможи во Законот за ПИО во управниот одбор покрај претставници на Владата и министерствата да учествуваат и претставници на репрезенативниот синдикат – член на Економско-социјалниот совет – 1 претставник и по 1 претставник од Здружението на работодавачи – член на ЕСС – 1 претставник и Сојузот на здруженија на пензионери во Македонија – 1 претставник.
Согласно член 156 , став 2 , алинеа 3, претставник во Управниот одбор е репрезенативниот синдикат член на ЕСС , а во конкретниот случај врз основа на одлука на ЕСС како претстасвник од репрезентативните синдикати предложен е д-р Живко Митревски – претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија. Значи, предлогот воопшто не е од страна на премиерот или волја на Владата, туку предлогот е од страна на ЕСС во кој репрезентативен синдикат е ССМ, од овие причини лажни се инсинуациите дека станува збор за одлука на Владата, туку за доследно почитување на барањето на синдикатите да учествуваат во работата на управните одбори. Впрочем, претставници на синдикатите како резултат на упорноста истите да ја контролираат работата на фондовите има и во Управниот одбор на Фондот за здравство, отсега па натаму во Фондот за пензиско, во Агенцијата за вработување , во управни одбори на повеќе јавни претпријатија итн. Сојузот на синдикатите на Македонија се борел и понатаму ќе се бори да ги следи и препораките на европските и светски синдикални практики и на препораките на МОТ која директно заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија работеше кон остварување на барањата на синдикатите да учествуваат во управните одбори. За жал во претходниот период и од политичката стртуктура која ја претставува г-ѓата за тоа во претходниот период немаше слух.
Лажни се обвинувањата дека станува збор за паушали на управен одбор во висина на една месечна плата, а со цел да не биде доведувана во заблуда јавноста за разлика од времето кога членовите на управните одбори примале баснословни суми пред 15-тина години, паушалот на членовите на управните одбори е само 4.900 денари (80 евра) месечно, а впрочем овој паушал претседателот на ССМ воопшто не го примил зашто може дополнително да се информирате.
Не е првпат непосредно пред избори да се прави обид Сојузот на синдикатите на Македонија да се инволвира во политичките игри и да се врши притисок како и да се прави обид да се девалвира синдикалната политика, да не се зазема страна, да не се инволвираат органите и телата, и да се елиминираат заложбите како и евидентните успеси за заштита на работничките права и интереси. Никој не може да го елиминира фактот, па и оваа политичка структура дека во овој период донесени се историски закони од типот на Законот за минимална плата, кој патем речено долго години беше отфрлан од ваквите субјекти, никој не може да го елиминира фактот дека подобрена е состојбата на над 65 илјади работници кои примаат плата пред донесување на овој закон од 4.000 до 4.500 денари, никој не може да го елиминира фактот дека и најновото зголемување на минималната плата за март месец е три пати поголема од порстот на животните трошоци, за кои и оваа структура бараше зголемувањето да биде во рамките на порастот на животните трошоци. Исто така, никој не може да го елиминира и девалвира работењето, па дури и со вакви лажни искривувања на факти, фактот дека во работното законодавство имплементирани се над 19 директиви на ЕУ, подобрена е положбата и решен проблемот на рударите во подземниот коп, донесен е историскиот Закон за мобинг, на Законот за европски работнички совети, не е дозволено масовно отпуштање , не е дозволено намалување на плати, туку напротив евидентирано е зголемување , не е дозволено зголемување на пензиски граници, напротив зголемени се платите во јавниот сектор, во здравството, зголемени се и пензиите и очигледно некому тоа му пречи, а уште повеќе посветената работа на ССМ.
Уште еднаш, Ве потсетуваме дека и по однос на другите инсинуации и лажно обвинување и по однос на Законот за администрацијата да Ве потсетам дека со ресорното министерство како резултат на социјалниот дијалог и долгите преговори успеавме да се договориме колективното договарање да биде издигнато на највисоко ниво во дефинирањето на платите и условите за работа, да бидат утврдени во самите закони скоро сите права утврдени во колективните договори, да биде намалено учеството во оценувањето на екстерните фактори, да биде присутен синдикатот во оценувањето, во наградувањето, да биде утврдено правото на штрајк и правото на плата за време на штрајк.
Сето ова се факти за кои јавноста и работниците добро се запознати и добро ги препознаваат сите обиди за лажно искривување на фактите и за дезавуирање на работничките организации посебно во услови на криза. Како репрезентативен синдикат го поставуваме и прашањет, па и кон почитуваната госпоѓа, дали на некому ова му пречи и сака да предизвика некои други сценарија.
На крај ја користам можноста на почитуваната г-ѓа и на неа сличните, да им понудиме можност за дополнителна едукација во однос на тоа што значи практицирање на социјален дијалог, институционална поставеност на синдикатите и нивно вмрежување, модерен пристап во работното законодавство и работничка партиципација. Во скоро време ССМ ќе го отвори и центарот за обука и едукација, во кој ќе се реализираат и повеќе обуки од оваа област, и истите ќе бидат можност за едуцирање за секој оној кој не е запознат со наведените активности.
СДСМ: Груевски го „плаќа“ претседателот на ССМ за поддршка на Владата