Месото ќе поскапи, сирењето може да куртули


Ќе се зголемуваат цените на месото, а намалените цени на млечните производи на европските берзи, барем засега, влеваат надеж дека тие ќе останат непроменети. Ова се прогнозите на производителите и на преработувачите во месната и во млечната индустрија.

Болеста син јазик што ги напаѓа овците, козите и кравите, донесе голема неизвесност за иднината на цените во млечната и во месната индустрија. Сепак, производителите и трговците на месото, велат дека таа засега нема некое големо влијание врза понудата на месо, но очекуваат, како што велат, зимско сезонско поскапување, како и раст на цените поради украинскиот пазар кој увезол големи количества на свинско месо од Србија.

meso1– Синиот јазик не може да влијае нешто посебно врз цените, затоа што 95 отсто од јунешкото месо Македонија го увезува, а на надворешниот пазар не е забележан недостиг на месо. Можно е да има одреден недостиг на свежо месо и евентуално зголемување на цената поради затвореноста на голем дел од сточните пазари. Исто така, можно е да се зголеми и цената на свинското месо, затоа што Србите извезоа многу од своето месо во Украина, па сега таму цената е повисока за 20 до 25 проценти. Се очекува Украина да побара месо и на нашиот пазар. Од друга страна, во Македонија има најниска цена на месото на Балканот, па тоа, како и редовните зимски осцилации на цената, веројатно ќе доведат до нејзино зголемување – вели Томе Бабунски, комерцијален директор на агроиндустриската групација „Агриа“.

Цените на месото засега не се променети во месарниците.  Цената на јунешкото месо без коска е 450 денари, телешкото го има по цена од 500 до 650 денари за килограм, свинска плешка чини 300 денари, а во месарниците вчера забележавме и прасечко месо по цена од 300 денари за килограм. Производителите на млеко велат дека тие веќе имаат договорени цени и дека не се коригирани.

Повисоки цени не најавуваат и преработувачите на млеко.

– Синиот јазик главно го напаѓа ситниот добиток. Сега кози и овци не се молзат, а ќе се молзат напролет. Сметам дека и штетите што ќе се направат од синиот јазик, рефлектирајќи се со уништување на дел од добитокот, нема да бидат такви што ќе ги зголемат цените. Од друга страна, на европските пазари е забележано благо намалување на цените на млечните производи – вели директорот на „Здравје Радово“, Јован Дабески.

Поскапуваат и доматите, кои минатата недела на големо се продавале по цена од 20 до 22 денари, а вчера нивната цена изнесуваше 27 денари за еден килограм, откупен на големо.Евентуално, според Витанов, може да дојде до намалување на цената на ајварката, доколку дојде до тоа целиот пипер да се бере во еден кус период и да се зголеми неговата понуда. Сега откупната цена на „ајварката“ е 20 до 25 денари за еден килограм.

Слободен печат

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1