Јунакот на Струмица, Мите Ѓеоргиев достојно беше испратен денес на градските гробишта во Струмица. Се гледаше само тагата и почитта на неговите блиски, роднини, пријатели и соседи.
Ѓеоргиев загина од големиот пожар што ги зафати планините над Струмица на 23 јули, обидувајќи се да го спаси својот град и сограѓани од огнената стихија.
Неговите блиски не ги штедеа солзите и добрите зборови за него:
-Голема болка, што да кажам, прекрасно дете, комшии бевме, немам зборови, немам.
-Многу ми е тешко, многу ми е мака, што да се каже за тоа дете, за таа фамилија. Се надевавме дека ќе закрепне, ама ете, помил му бил на Бога.
Во тој тежок момент, храброто момче не размислуваше за безбедноста на својот живот, занемарувајќи го тоа дека не е професионален пожарникар, туку обичен човек и знаеше само дека сака да помогне.
23 јули ќе остане запаметен по тешките моменти што Мите, Пано и Блажо ги доживеаја тој ден. Не можејќи да се изборат и преживеат со тешки повреди, го напуштија овој свет.
Ѓоргиев беше неодамна оженет и го очекуваше првото дете. Тој не обрати внимание на тоа. Ги остави сопругата и детето. Мите засекогаш ќе остане во срцата на струмичани како пример за храбар човек.
Пожарите и денес не стивнуваат во струмичко. Уште од рано изутрина, мирот на градот го прекинуваат канадерите со бучавата наоколу, обидувајќи се да се справат со пожарот што веќе неколку дена беснее.