Терористичките напади во престолнината на Белгија беа во фокусот на разговорите на средбата помеѓу министерот Никола Попоски и амбасадорката на Кралството Белгија во Република Македонија Аник Ван Калстер, на која Попоски изрази длабоко сочувство за семејствата на сите загинати и повредени во терористичките напади во Белгија и најостро ги осуди нападите.
„По терористичките напади во Брисел, на аеродромот Завентем и метрото во Брисел и воведувањето на највисокото ниво на безбедност ниво 4 на целата територија на Белгија, специјални мерки се воведени на сите железнички станици во Брисел и Белгија, метроата, пристаништата, аеродромите, нуклеарните централи и на сите други стратешки места. Сите македонски дипломати кои работат на територијата на Кралството Белгија се безбедни, а сите Дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија во Белгија и покрај зголемените безбедносни мерки и рестрикции работат непречено. Согласно досегашните информации на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, нема загинати и повредени македонски државјани“, се вели во информацијата од МНР.
Покрај терористичките напади во Брисел, во фокус на разговорите помеѓу Попоски и Калстер беа и меѓусебната соработка, евроинтегративниот процес на Република Македонија и мигрантско-бегалската криза.