Со разни камати, судски трошоци, извршителски награди, ДДВ и друго, долгот за парно на скопјанецот Коле десеткратно се зголемил кога дошол за наплата со задоцнување од 10-15 години. Извршителите очекуваат нов бран на масовна присилна наплата на стари сметки, зашто до нив не се доставени уште 100.000 тужени долгови, пишува Вечер
За долг од 27.000 денари кон поранешна “Топлификација”, направен во периодот од 1999 година наваму, пензионер од Скопје сега треба да плати 200.000 денари. Во сметката испорачана преку извршител со задоцнување од 10 до 15 години се собрани само неколку неплатени сметки и многу камати, камати на камати, административни и други трошоци, судски такси, извршителски награди, ДДВ и друго.
Скопјанецот Коле, кој деновиве не знае каде му е главата во обид да се извлече од оваа апсурдна ситуација, е само еден од стотиците илјади македонски граѓани сардисани од извршители, кои по налог на комуналните претпријатија од нивните сметки треба да извлечат огромни суми за сметки за струја, вода, парно, телефон… од пред 10 до 20 години.
– Јас не го спорам долгот. Тоа што го должам ќе си го платам. Но, не знам зошто сметката ми е испорачана толку доцна, па мора да платам камата до денешен ден. Бев во Балкан енерџи груп” и таму ми дадоа извод со долг од нула денари за најголем дел од сметките, но и покрај тоа, ми пресметаа огромни камати – вели Коле, додавајќи дека не му е јасно и тоа зошто на тужбата со предлог за извршување има само печат, а не и архивски број.
Од сметките кои тој ги достави може да се види како се натрупал долгот од 200.000 денари. Во една од нив се вели дека треба да плати затезна камата од 44 илјади денари и договорна камата од 26.000 денари. Туженото салдо со затезна камата изнесува 72.000 денари, а туженото салдо со договорна камата е 54.000 денари.
– Ми пресметуваат некаква камата од 8%, но јас не можам да ја откријам математиката. Освен тоа, не ми е јасно каква е таа договорна камата кога јас со нив немам никаков договор – вели Коле.
Извршителите велат дека овој случај не е исклучок. Тие имаат голем број налози за наплата на сметки од пред многу години, а најбројни се за струја, вода и за парно. Според претседателот на Комората на извршители, Гордан Станковиќ, граѓаните немаат друг избор освен да си ги платат старите долгови, зашто ако се тужени навреме, сметките не застаруваат, а исто така и каматите.
Откако пред неколку години извршителите добија илјадници извршни предмети од судовите, што предизвика огромен револт и паника кај граѓаните, се очекува наскоро да се случи уште еден бран на масовна присилна наплата на стари долгови. Во судовите имаше 300 илјади предмети за расчистување долгови стари и по неколку децении, а до нотарите и до извршителите досега се доставени околу 200.000, па преостануваат уште 100.000. Нив ги нема во судовите, но веќе стана јавна тајна дека тужбите за старите долгови не се пишувани таму, туку се штанцани во самите комунални претпријатија, кои ги поседувале судските печати. Токму затоа, објаснуваат упатените, на повеќето тужби нема архивски број, како во случајот на скопјанецот Коле, што, пак, не значи дека не се валидни. Од овие причини, се претпоставува дека преостанатите 100.000 предмети се во фиоките на комуналните претпријатија и дека наскоро може да ги испратат до извршителите за наплата од граѓаните.
Вечер.мк