МВР на екран ќе има слика за безбедносната состојба – од видеопренос во живо на акции на специјалци и нивната точна позиција на терен, преку видеонадзор на границата до случувањата на најфреквентните места во најголемите градови. Проектот „Дигитална полиција“ обединува неколку проекти кои се во тек во интегриран систем, преку кој МВР ќе има слика за случувањата на терен, позициите на полицајците, но и на други служби и ќе може да комуницира и да ги координира, пишува Дневник.
– „Дигитална полиција“ е проект за осовременување затоа што се јавуваат нови видови криминал, криминалците постојано ги менуваат методите на работа, а полицијата треба да биде чекор понапред од нив. Проектот опфаќа сегменти од интегрирано гранично управување, видеонадзор на граничните премини, на „зелениот појас“ на границата, преку проектот „Безбеден град“ и системот за дигитални комуникации „тетра“, с` до осовременување на лабораториите, отворање нови дигитални командни центри и така натаму Со него, меѓу другото, на екран во командниот центар се гледа позицијата на секој полицаец на теренот, се добива слика од видеокамерите на опремата на полицајците, а специјалците на теренот на окулари или на монитори добиваат слика за состојбата на теренот.
Станува збор за софистицирана, најмодерна опрема со која што располагаат современите полициски, па и воени единици. Овозможува оперативна визуализација на терен, брза и непречена конекција, координација и комуникација со единиците на местото, слика од терен, која може да се следи и да анализира во реално време во командниот центар. Со системот не се опфатени само специјалците, туку и возилата, може да се гледа видео од камера на возило, се гледа неговата положба на терен.