Тетовската полиција извести дека експлозивната направа која вчера околу 22 часот експлодирала пред седиштето на ДУИ во тетовска Мала Речица направила само кратер длабок 30 сантиметри. Полицијата ги демантираше вчерашните првични информации дека било повредено и едно дете.
Според официјалната верзија на МВР за настанот, засега непознато машко лице ја фрлило експлозивната направа на улицата 170 пред влезот во седиштето на ДУИ. Од детонацијата нема никакви други оштетувања на објекти или предмети.
Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство -Тетово изврши увид на лице место по вчерашната експлозија пред седиштето на ДУИ во Тетово. Подигнати се материјални траги од местото и влакна од изгорениот фитил и истите се дадени на вештачење. Надлежниот обвинител го одзеде и ЦД од поставениот видео надзор, што ќе биде предмет на разгледување и анализа.
Во случената експлозија нема човечки жртви. Причинета е минимална материјална штета.