Туристичка агенција од Абу Даби пронашла нов начин да ги продава аранжманите на потенцијалните посетители.
„Етихад холидејс“, одделението на истоимената авио-компанија, им ветува на туристите бесплатно летување во Абу Даби, доколку за време на нивниот престој во рамки на аранжманите кои ги нуди оваа агенција, ќе паднат минимум 5 милиметри дожд.
Понудата се однесува само за посетителите од Велика Британија, а се поклопува и со отворањето на нивно преставништво во Лондон.
Според проценките, повеќе од 230.000 Британци во 2015 година патувале за Абу Даби.
Поентата е во тоа што понудата важи само помеѓу 1 мај и 30 септември, во најтоплите месеци на годината, кога станува збор за Обединетите Арапски Емирати.
Во екот на летото, овде температурите се искачуваат и до 48 степени Целзиусови, додека влажноста на воздухот е повисока од 80 проценти.
Просечната температура е 41 степен Целзиусов, а минималната 31 степен.
Наспроти високата влажност на воздухот врнењето на дожд во ова време од годината речиси и го нема. Просечните врнежи на годишно ниво изнесуваат околу 12 сантиметри, а од тоа најмногу дожд паѓа помеѓу ноември и февруари.