Најскап случај во историјата на Хашкиот суд: Судењето на Ратко Младиќ досега чини 2 милиони евра


Хашкиот трибунал, Република Српска и Србија досега платиле околу два милиони евра за одбраната на Ратко Младиќ, за посетите на членовите од неговото семејство во притворското одделение во Шевенинген, објави БИРН БиХ. Во оваа сума влегуваат и средствата што Србија и Република Српска му ги исплатиле лично на Младиќ.Експертите го нарекуваат предметот на Младиќ најтежок, но воедно и најскап во историјата на работата на судот во Хаг.

Адвокатите на Младиќ: Бранко Лукиќ, Миодраг Стојановиќ и Драган Иветиќ, како и осум помошници, до завршувањето на доказната постапка го чинеле Трибуналот околу 1.945.500 евра.

Тројцата адвокати од Трибуналот добиле по десет авионски билети годишно, што изнесува околу 37.500 евра, за да пристигнат во Хаг на судењата.

Србија, исто така, му помагала на Младиќ, така што нему лично во изминатите четири години и неколку месеци му исплатила 11.400 евра, додека посетите на неговото семејство, што вклучува авионски превоз и патни трошоци, чинеле 41.800 евра.

Кога во прашање е Република Српска, владата во 2013 и 2016 година му дала еднократна помош на Младиќ од по 5.128 евра.

Ратко Младиќ беше уапсен во Белград во 2011 година, по повеќе години во бегство. Тој е обвинет дека како командант на војската на Република Српска извршил геноцид во шест босанки општини, во Сребреница, за тероризирање на населението во Сараево, за земање заложници, како и за прогон на Бошњаци и Хрвати од целото подрачје на Босна и Херцеговина.

Првпат во судницата во Хаг се појави во јули 2011 година.

Адвокатот Стојановиќ рекол дека на одбраната на Младиќ ѝ се плаќало во три фази – подготвителна, судечка и жалбена.

Во подготвителната фаза, која траела од мај 2011 до мај 2012 година од буџетот на Трибуналот месечно за адвокатите биле издвојувани 10.000 евра, а за помошниците 8.000 евра. Вкупно се исплатени 216.000 евра.

Судечката фаза траела 47 месеци, од мај 2012 до април 2016 година, а адвокатските тарифи биле значително повисоки. Месечно добивале околу 21.000 евра, а помошниците 15.000 евра.

Според овие податоци, Трибуналот во судечката фаза за одбраната на Младиќ исплатила 1.692.000 евра. За авионски карти Трибуналот платил 37.500 евра.

За вештаците бил определен дополнителен буџет. „Експертски час чини 100 евра, а нам ни беа одобрени 150 часа. Значи добивме 15.000 евра кои моравме да ги вклопиме“, рекол адвокатот.

Жалбената фаза ќе настапи по изрекување на пресудата закажана за 22 ноември.

Србија на семејството на Младиќ му исплатило 41.800 евра. Станува збор за патни трошоци, сместување и авионски карти за тројца членови на неговото семејство. Србија до 2013 година му исплаќала и помош на Младиќ, по 200 евра месечно. Досега му се исплатени 11.400 евра.

Кога е во прашање Република Српска, на Младиќ му се исплатени два пати по 5.128 евра. Станува збор за еднократна помош за материјално обезбедување на лица од РС кои се наоѓаат во притвор по одлука на Трибуналот.

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1