Наплаќаат како да сте вртеле во роаминг иако сте во Македонија – најногу случаи кај ВИП


Охриѓани, стружани, жителите на Дебар и на останатите населени места во пограничната зона кон Албанија, со години имаат проблем со упаѓање на сигналот на албанските во македонските оператори, посебно кај ВИП.

Кога сигналот е послаб или целосно ќе падне од наша страна, тогаш корисниците плаќаат како да се во роаминг, односно како македонските мрежи да ги користеле во Албанија, а тоа „задоволство” се разбира, многу ги чини.

Кога ќе појдат кај операторите да ги наплатат дебелите и за нив неочекувани сметки, наидуваат само на љубезност, подигнати раменици и понуда: да им го исклучат роамингот. Се разбира, откако веќе ќе ја платат сметката.

Во Скопје имаше случај во Општина Чаир, кога еден од двата косовски оператори, во изнајмен стан, камуфлирано поставил опрема со која упаѓал во системите на еден оператор, а со тоа дебело ги крадел скопјани, кои од дома телефонирале во роаминг и полнеле туѓи џебови. Нашиот оператор самиот дошол до сознание, измерил и побарал тоа да се спречи.

Надлежен орган во нашата земја, кој треба да се грижи да не дојде до тоа, односно да го спречи ако веќе се случило, е државната Агенција за електронски комуникации (АЕК).

Во случајот со населението во пограничната зона со Албанија, нашата АЕК треба да се искоординира со албанската Агенција за електронски комуникации, да излезе на терен, да изврши мерења – како зрачат операторите од двете страни на границата и да преземе мерки. Исто како што тоа АЕК мораше, и го направи во еден случај по барање од Бугарија. Имено, една станица кај Делчево, зрачела сè до Благоевград, најверојатно со цел да им помогне на македонските студенти таму, по што Бугарите се побуниле и проблемот бил решен.

Нашите оператори имаат силна базна станица кај Гевгелија, па ние можеме да си разговараме како дома и без роаминг сè до Солун, ама затоа пак, Грците ни се „реваншираат“ – сè до Демир Капија.

Оставени сами на себе, на жителите од пограничната зона со Албанија, не им останува ништо друго, освен да се самоорганизираат. За да ги заштитат своите права, бараат помош и од локалните самоуправи.

Градоначалниците од околните општини се тие кои треба да им излезат во пресрет и во нивно име да повикаат претставници од Агенцијата за електронски комуникации, односно проблемот да го подигнат сè до владините инстанци.

Во спротивно, граѓаните уште еднаш ќе бидат оставени сами на себе и единствено што им преостанува е да поднесат тужби. Вештите оператори, од позиција на монопол, се заштитуваат во договорите на кои корисникот не може да влијае, а кој ги става во подредена позиција, што тие неволно ја прифаќаат.

Но тоа не значи дека операторите треба само да ги глобат своите корисници. Тие имаат обврска да им кажат на граѓаните дека преку нив можат да бидат обесштетени.

Објавено во „Слободен печат“

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1