Научниците што ги изучуваат климатските промени се` погласно предупредуваат дека во идниот период на нашата планета и` се заканува апокалипса
Во првата деценија на 21 век просечната температура на површината на Земјата пораснала за 0,47 степени Целзиусови.
Научниците пресметале дека зголемувањето на просечната температура за 1 степен Целзиусов би го зголемило испарувањето на водата во атмосферата за седум отсто. Тоа би довело до посилни воздушни струења и почести временски непогоди и обилни врнежи.
Зборот апокалипска, кој означува крај на светот, често се слушаше и на Првата меѓународна конференција на метеоролозите, која во август се одржа во Монтреал.
Илјада научници од целиот свет пет дена расправаа за климатската иднина на планетата, а заклучоците ниту малку не се оптимистички.
Протоколот од Кјото, кој стапи во сила пред 10 години, само е празна буква на хартија. Се подразбираше намалување на емисијата на штетни гасови и ефектите на стаклена градина, со што би се спречило идно неконтролирано затоплување на нашата планета, но земјите потписнички не го почитуваа.
Поради тоа, велат научниците, продолжува глобалното затоплување, а поради тоа се` повеќе се топат површините на половите. Тоа предизвикува климатски промени со чести временски непогоди и несогледливи последици.
Извесно е дека во наредниот период на нашата планета ќе се менуваат екстремни студови и екстремни жештини и суши. Научниците прогнозираат дека обилните дождови ќе предизвикаат чести и неочекувани поплави и свлечишта. Зголемените воздушни струења во идниот период можат да ја загрозат безбедноста на авионскиот и поморскиот сообраќај.
Веќе сега можат да се слушнат информации за џиновиски бранови, кои на некои мориња и океани се високи и дд 40 метри, а се` до неодамна бранови со висина од 20 метри беа вистинска реткост.
Тоа не е крај на црните прогнози на научниците. Тие тврдат дека огромниот ледник на Гренланд се топи и дека нивото на океанот, во случај на идно глобално затоплување на Земјата, може да се зголеми за шест метри.