Лимоните се на пат да се претворат во луксузно овошје за граѓаните, бидејќи последниве месеци цената руши рекорди. Природниот витамин Ц, како што е познат по народот, се продава по цена од над 160 денари за килограм, во зависност од маркетот, а на пазарот достигнува и до 180 денари, што е апсолутен рекорд досега. Проблемот е глобален, но се очекува за најмногу две недели цената на ова овошје да се стабилизира. И соседите се шокирани од високата цена на лимоните, која и кај нив руши рекорди. Во Србија достигнува цена од 3 до 3,5 евра, а во Бугарија се продава и за над 4 евра за килограм.
Од најголемиот увозник во земјава „Атлантик“ ДООЕЛ смируваат и велат дека цената ќе се стабилизира за десетина дена, кога ќе стигне турскиот лимон. Аргентина, која е најголемиот производител на лимон во светот и која ја снабдува Европа, во периодот од јуни до септември имала лоша сезона. Односно поради мразот, било уништено повеќе од половина од целокупното производство.
– Аргентина снабдува 70 отсто од светот со лимон во текот на летниот период. Поради ладното време таму, замрзнаа плантажите и беа уништени над 50 отсто од производството и затоа цената на лимонот во летниот период беше многу висока, не само кај нас, туку секаде. Очекуваме цената да се стабилизира за десет до 15 дена, кога се очекува новата реколта од Турција. Цената очекуваме драстично да падне, односно да се нормализира на глобално ниво, а и кај нас – изјави Азем Исмаили, управител на „Атлантик“ ДООЕЛ.
Прошетката по маркетите и по пазарите кај нас покажа дека цената варира од место до место, но лимон под 150 денари за килограм нема ни за лек.Трговците креваат раменици и велат дека набавната цена подолг период е екстремно висока, а причините не ги знаат.
– Ако граѓаните порано купуваа по 2 килограма лимон за свеж сок, сега најчесто во кесата ставаат две-три лимончиња. Лимонот е најскапото овошје што го продаваме, а мора да се пожалиме и оти слабо оди продажбата, секако поради високата цена – вели Марко Илиевски, продавач во еден скопски маркет.
-Зедов три лимончиња и се шокирав на каса. За нив платив 90 денари. Тоа беше во почетокот, но многу брзо цената од 120 денари за килограм скокна на 140, па на 160 денари. Најчесто компензираме со поевтини сезонски овошја, кои се со подостапни цени. Лето е и може да се каже – с` може и без многу лимон. Но што ќе правиме ако цените и понатаму останат екстремно високи, а се знае дека ниедна настинка не поминува без лимон – прашува пензионерката Магдалена од Скопје.
Дневник.мк