Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека не се знае кој стои зад киднапирањето на српските државјани во Либија, јави Танјуг.
– На патот кон Тунис дошло до пресретнување на колона во која бил и амбасадорот, а во друго возило двајцата вработени во амбасадата. Според извештаите бил отворен оган, а еден либиски државјанин е погоден во нога, изјави српскиот министер за РТС.
Според Дачиќ состојбата во Либија е нестабилна и моментално има една влада во Бенгази и една во Триполи. – Одделни делови на земјата се под различна контрола, истакна тој.
Српскиот министер за надворешни работи нагласи дека разговарал со либискиот колега, како и дека за настанот се информирани безбедносните служби.
– Немаме информации кои се киднаперите. Никој не се јавил да бара нешто. Формиран е кризен штаб кој работи на решавање на вонредната ситуација, за тоа е информиран и премиерот, така што цела држава е ангажирана, истакна Дачиќ