Користеле креми од надрилекари, па завршиле на клиника. Често на кожно доаѓале и граѓани со компликации од горење на бемки со сомнителни течности од нестручни лица. Десетина вакви пациенти месечно бараат помош од лекарите. Последиците се од алергиски реакции со црвенило до фатален исход. Лекувањето е долго и мачно.
И покрај нарушеното здравје, граѓаните многу ретко признавале дека биле на надрилекар. Причина за ова е или срамот или фактот дека според законот за здравствена заштита, Фондот не ги покрива трошоците за лекување на последиците од надрилекарство. Случаите не ги пријавуваат ниту на надлежните инспекции.
Годинава и во 2013 во Државниот санитарен и здравствен инспекторат немале пријава за надрилекарство. Овој период никој ниту во МВР не пријавил дека имал последици од користењето здравствени услуги од нестручни лица во несоодветни услови.
Според Кривичниот закон, вршењето надрилекарство се казнува со една година затвор. Од Лекарската комора сметаат дека ваквата казна е многу блага. Комората апелира граѓаните да не користат здравствени услуги од нестручни лица.
Минатата недела на тригодишна затворска казна беше осуден надрилекар од Кавадарци. Во подрум лекувал бемка на негов сограѓанин, по што човекот починал.
Vecer.mk