Шејла Вилсон (37) била горда на својот син Џон (18) кога ја добил работата од соништата – испитувач на онлајн игри.
Пред Нова година, 27. декември, му посакала добра ноќ, а Џон одел кон својата соба да игра игри и тоа бил нивниот последен разговор. Следното утро помладата сестра Кетлин (11) го пронашла мртов. Иако повикале Итна помош, не успеале да го спасат момчето.
Обдукцијата покажала дека Џон починал од синдром на ненадејна смрт, познат како SADS, кој е предизвикан од некои срцеви заболувања. Сега, три години подоцна, мајката зборува за својата загуба, пишува Мирор.
– Славевме што Џон ја доби работата која толку ја посакуваше. Беше околу полноќ кога Џон рече добра ноќ и замина во својата соба. Следното утро не слезе на доручек, па ја испратив сестра му по него. Се врати и ми рече дека нешто не е во ред со Џон. Истрчав на спрат и го најдов на под. Слушалките се уште му беа на уши. Се` изгледаше како успорена снимка, знаев дека го изгубив. Целиот свет ми се распадна тој ден, раскажала очајната мајка.
Синдром на ненадејна смрт е термин кој се користи за опишување различни причини на застој на срцето кои се јавуваат во будна состојба, во сон или при вежбање.
– Во моментот кога реков ‘добра ноќ’, не мислев дека за последен пат ќе го видам синот жив. Ми рекоа дека Џон починал од синдром на ненадејна смрт кај возрасни, а јас не знаев што е тоа. Немаше никакви знаци за предупреување, немаше здравствени проблеми. Секогаш се грижеше за здравјето, не пушеше и не пиеше. Не разбирам како некој толку млад може така одеднаш да замине. Постои потреба повеќе да се истражи овој синдром, како и да се подигне свеста за семјставата како моето подобро да реагираат, вели мајката.
Истражувањата покажале дека за само две години во Велика Британија починале 500 луѓе од овој синдром, а повеќето биле млади луѓе.