Собранието им дава виза на трудовите, пазарните, просветните, техничките, комуналните, земјоделските, ловните, шумарските, еколошките и другите инспектори да тргнат во лов на лица кои работат и заработуваат од нешто за што немаат дозвола. Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност кој е донесен во декември лани, ќе почне да се применува од април годинава.
По донесување на измените вршителите на нерегистрирана дејност ќе ги гонат трудовите, пазарните, просветните, техничките, комуналните, земјоделските, ловните и шумарските, еколошките и другите инспектори. Во законите со кои се регулира работата на инспекторите, се додава дека тие добиваат уште една надлежност – контрола на примената на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност.
Глобите за вршење нерегистрирана дејност се од 10.000 до 20.000 евра во денарска противвредност. Овие санкции се предвидени и за правни и за физички лица. Фирмите ќе одговараат ако вршат дејност која не ја запишале во посебните регистри, а физичките чија дејност не е регистрирана кај надлежен орган, додека изземени се пазарџиите запишани во регистарот на Управата за јавни приходи. За вршење нерегистрирана дејност не се смета работата за сопствени потреби, семејната и соседската помош, продажбата на лични користени предмети, работата која се врши без финансиски надоместок, која не се извршува редовно. Под нерегистрирана дејност не потпаѓа и објавувањето, изведувањето и презентирањето на творештвото на уметниците.
Освен лица кои нерегистрирано вршат дејност, Предлог-законот дефинира и нивни соучесници, а тоа се оние кои овозможуваат вршење таква дејност, како и оние кои нарачуваат или посредуваат во вршењето на таа дејност и тоа не само кога знаеле, туку и кога можеле да знаат дека таа постои. Предвидени се санкции и за нив. Глобите за фирмите соучесници се од 2.000 до 3.000 евра, а за физичките лица-соучесници од 1.000 до 2.000 евра.
Вечер