Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ако некоја телевизија им овозможи на децата да гледаат насилство или порнографија, може да плати казна од 10 до 20 илјади евра. Но за немање доволно народна музика глобата е точно 20 илјади евра, ни помалку ни повеќе.
Ова е втората највисока казна што се предвидува со овој закон. Највисоката изнесува 100 илјади евра и се изрекува ако радиодифузерите годишно не произведат и емитуваат најмалку 10 часа домашна документарна програма и најмалку 20 часа домашна играна програма.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги деновиве им изрече казни од по 20 илјади евра на телевизиите Сител и Телма, затоа што во одреден период кога биле следени не пуштале доволно народна музика, или ја емитувале помалку од забавната.
Што друго можат електронските медиуми да си дозволат да платат со 20 илјади евра? Во рамката од 10 до 20 илјади евра, според законот, има вкупно 18 прекршоци. Еден од нив е ако телевизијата има сомнителен сопственик, ако има таен содружник, односно ако зад еден од сопствениците стои странец на кого не може да му се утврди потеклото на капиталот во матичната земја.
Односно, да се има мексикански наркокартел во сопственичката структура е помал грев отколку да не се пушта народна музика.
Следната рамка, од пет до десет илјади евра, пак, има 28 точки. Оваа сума медиумот треба да ја плати ако не ги чува програмите доволно долго време или ако не води соодветна евиденција, но и ако емитува наградни квизови без јасни правила или игри на среќа од организатори што немаат лиценци за таа дејност. За лажна лотарија може да се помине со пет илјади евра. Толкави се и казните ако се прекршат правилата за рекламирање и за телешопинг.
Рамката со најниски казни има опфат од три до пет илјади евра, а тие се плаќаат ако телевизијата прикажува филмови надвор од рокот договорен со имателите на правата, не ги истакнува знаците за идентификација (која програма за која публика е наменета) или ако емитуваат помалку часови програма од законскиот праг. Меѓу 15-те прекршоци за кои се предвидуваат овие казни е и тој ако лицата што се редовно ангажирани да презентираат вести или да водат информативни емисии се појават во рекламни спотови. Односно, луѓето што читаат вести не можат да рекламираат производи, или медиумот ќе плати казна.
Нова Македонија