Нереди во Ерусалим: Има ранети, ја повикуваат „армијата на муслиманите“


Во стариот град на Ерусалим и околу него денеска имаше судири меѓу израелски полицајци и групи Палестинци, кои протестираат против одлуката на САД да го признаат градот за престолнина на Израел, јави ДПА.

Најмалку 26 демонстранти се повредени на Западниот Брег во појазот Газа и источен Ерусалим, во текот на вториот „Ден на гневот“ кој го прогласија палестинските водачи поради одлуката на претседателот на САД.

Повеќето од демонстрантите на Западниот Брег се повредени со гумени куршуми, но има и ранети со боева муниција. Од границата со појасот Газа, еден демонстрант во критична состојба бил пренесен во болница.

Илјадници Палестинци учествуваа во прогласениот „Ден на гневот“, по завршувањето на петочната молитва во ерусалимската џамија Ал Акса, дојдоа до вратите на стариот град, извикувајќи „Ерусалим е наш, Ерусалим е нашиот главен град“, како и „Немаме потреба од празни приказни, имаме потреба од камења и калашникови“.

Демонстрантите со себе носат транспаренти со натписи: „Ве повикуваме, армијо на муслиманите! Ерусалим – главниот град на калифатот!“ и мавтаа со знамињата на палестинските групации, пренесе Спутник.

За време на молитвите имамот го прогласи Ерусалим за арапски исламски град, и, исто така, зборуваше за „гневот“ и „значителната болка“, што го чувствува муслиманската заедница поради одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел.

Протести се организирани и во пакистанските градови Карачи и Лахор, каде што демонстрантите од владата на Пакистан побараа да ги прекине дипломатските односи со САД.

Стотици луѓе се собраа и во Техеран и извикуваа „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“, а иранските медиуми јавија дека слични протести има и во другите ирански градови. Исто така, има протести и во Авганистан, каде што во Кабул се собраа стотици демонстранти.

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1