Без повреди поминал шоферот на мерцедесот со скопски регистарски таблички, во сообраќајната незгода што се случила попладнево на автопатот Градско-Скопје. На два километри од мотел Македонија, околу 14.30 часот се случила сообраќајката, кога скопјанецот возејќи го автомобилот, изгубил контрола и се истумбал.
Според информациите од СВР Велес, најверојатно пукната гума била причината за сообраќајната несреќа.
Од истекувањето на бензинот автомобилот се запалил, но шоферот, кој бил сам во него, успеал неповреден и навреме да излезе. Тој дури одбивал да добие медицинска помош. Со апарат за гаснење пожар, автомобилот бил изгасен и освен материјална штета, за среќа, нема повредени.
Увидна екипа на СВР Велес се уште е на лице место на несреќата и ги утврдува причините за сообраќајката.