Антун Туња Диздар и неговиот син Кристијан од Антуновац во близина на Осијек, Хрватска, возејќи се од Осијек до нивниот дом по автопат пронашле чанта. Првин помислиле дека во чантата имало школски книги, но потоа здогледале куп пари, пренесува новинската агенција „Патрија“.
Заедно со парите, за кои подоцна се утврдило дека станува збор за сума од 40.000 евра, биле пронајдени и лични документи на нивниот сопственик.
Наоѓачите преку интернет воспоставиле контакт со сопственикот на чантата и за кусо време му ја вратиле.
Интересно е што чесниот пронаоѓач кој бил доброволец во војната, и не успеал да оствари право на пензија, без оглед на тоа што бил ранет во 1991 година.
Тој е татко на четири деца и веќе осум години е невработен.
Пред две недели Антун бил опериран и се уште закрепнува од операцијата. Иако не му е лесно, тој изјавил дека во ниту еден момент не помислил да ги задржи парите.