Нимиц закажа преговори на 11 и 12 декември во Брисел


Медијаторот Метју Нимиц закажа нова рунда на разговорите за името на 11 и 12 декември во Брисел.

Канцеларијата на посредникот кратко соопшти дека средбата е дел од напорите на ОН за да им се помогне на двете страни да најдат заеднички прифатливо решение за прашањето на името.

Првично разговорите беа закажани за 20 и 21 ноември, а нивното одложување предизвика бројни шпекулации за причините, меѓу кои и очекувањата на Грција, земјава да почне да расчистува со, како што велат иредентизмот, преку преименување на аеродромот ,,Александар Велики‘‘ и отстранување антички споменици.

Премиерот Заев во интервју за словенечки ,,Вечер‘‘ вели дека такво барање од Атина не е адресирано.

,,Во досегашните билатерални разговори грчката страна не изрази таков вид барања. Тоа за што зборувате е тема на јавна дебата во Македонија, во која некои оценуваат дека такви потези би можеле да придонесат за позитивни поместувања со Грција. Јас сум отворен за предлози и она што ќе биде потребно ќе стане јасно кога ќе влеземе во процесот на преговори. Немам никакви задршки да зборуваме за сè што ги оптоварува меѓусебните односи, бидејќи само така можат да се надминат проблемите. Би сакал да кажам дека од македонска страна во решавањето на спорот е вклучен целиот државен врв, од шефот на државата, преку Владата до Парламентот. Ова е прашање од национален интерес и, со конструктивен пристап, верувам дека во наредните месеци ќе успееме да направиме исчекор и да станеме 30. членка на НАТО и да добиеме датум за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ“, изјави Заев.

ЕУ нема проценка дали спорот за името може да се реши до средината на 2018 година, на што апелираат и грчката и македонската страна, но и меѓународната заедница, пред се САД. Според ЕУ амбасадорот Самуел Жбогар процесот останува во рацете на двете земји, како и начинот на кој ќе се најде компромис.

,,Нема решение кога едната страна е среќна, а другата не. Сите компромиси се засновани на тоа двете страни да го прифатат решението.Тоа е единствениот начин како да се најде долгорочно решение. И гледаме дека тоа е приодот на владата. Гледаме многу средби, посебно помеѓу двајцата министри за надворешни работи кои градат атмосфера на добрососедски односи и веруваме дека тоа ќе води кон добри резултати‘‘, изјави Жбогар.

Инаку, сите грчки медиуми денеска пренесуваат дека градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис вчера земјава ја ословувал со Македонија, и тоа по втор пат, откако лани во интервју за Сител, Бутарис немаше проблем со името Македонија, македонска нација и македонски јазик.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1