Изработувам семинарски, магистерски и докторати, вршам поправка на електрични апарати, компјутери, продавам половни возила, нудам масажи, ѕидарски, молерофарбарски услуги. Лицата што нудат вакви услуги преку оглас без да ја имаат регистрирано дејноста ќе се соочат со казни од неколку илјади евра. Но на тапет ќе биде и фирмата што ги огласува ако не побара документи за регистрацијата и една година не ги чува податоците за огласувачите., пишува Дневник
Со овој закон државата реши да се справи со сивата економија во земјава, од која годишно се одлеваат над 100 милиони евра од државниот буџет. Со тоа автоматски ќе нема леб за дивите трговци, занаетчии , нерегистрирани електричари, сервисери, монтери, градежници, преведувачи, наставници, куќни помошнички, масери, односно сите лица што нудат различни услуги. Предлогот пропишува ригорозни казни и за лицата и фирмите што работат, а не се никаде регистрирани, и за соучесниците и за тие што овозможуваат вршење нерегистрирана дејност.
Со Предлог-законот е забранета секоја дејност што не е регистрирана, а дозволени се само соседска и семејна помош, ама за без пари. Ова значи дека веќе ни соседот што работи како електричар нема да може да дојде и да ви го поправи расипаниот електричен апарат, освен ако тоа не го прави гратис. За с` друго треба пишан договор, се разбира со регистрирана фирма или трговец. Покрај многуте забрани, дозволена ќе биде продажба на половни работи од домаќинството, како што се мебел, бела техника и слично.
Од Министерството за труд велат дека ова е само првична верзија, која додека стигне до усвојување може да претрпи многу измени. Работна група составена од повеќе државни институции работи на анализи на Предлог-законското решение за спречување и забрана за вршење нерегистрирана дејност.
Прошетавме низ зелените пазари во земјава, каде што како и вообичаено врие од продавачи, кои на картонски кутии нудат различна стока. Ако веќе беше стапен во сила законот, тие вчера можеа да заработат најмалку 1.500 евра мандатна казна, оти не се регистрирани и продаваат на диво.
– Доаѓам понекогаш, не сум редовен. Тогаш кога ќе наберам шумски плодови, доаѓам. Тешко е и не се заработува многу, но ова е единствен начин на егзистенција за мене и за мојата сопруга. Никој од нас нема редовна работа – вели скопјанецот Баки, кој продава од капинки, малинки, пред еден од зелените пазари во главниот град.
Тетка Цвета, пак, е во години и продава цвеќе, кое самата го произведува во својата градина. Вели тешко е, нема заработувачка, оти на луѓето ич не им е до цвеќе.
– Со години сум тука, продавам, но заработувачка има с` помалку. Немам друг начин како да се снајдам. И јас сакам некој да ме вработи, да не дремам надвор и на плус 40 и на минус дваесет степени, ама никој не ме прашува. Имам студент дома, од каде пари да го школувам – вели таа бегајќи од фотоапаратот и од нашите прашања.
Во огласниците врие од различни огласи. Сите нудат различни услуги, од електричарски, сервисерски, водоинсталатерски, молерски, преведувачки, образовни. Еден од нив е и чичко Живко, на чиј оглас за електричар се јавивме.
– Да заработував добро, немаше да биде проблем да отворам фирма и да се пријавувам. Kој не сака пензија? Ама едвај крпам по некој денар, а сум фамилијарен човек. Има период кога ни по 15 дена нема работа, никој не се јавува. Ако извадам до 100 евра месечно, јас сум задоволен. Сум работел како електричар во повеќе фирми, ама од една ќе те избркаат, после и од друга, немам среќа. Потоа сакал-нејќел ќе мораш сам вака да се снаоѓаш. Знам дека ова не е начин на работа и на живот, ама што да се прави, мора да се чепка нешто – вели чичко Живко, кој има уште 4 години до пензија.
Примарна цел на законот ќе биде решавањето на нерегистрираните дејности каде што се врти голем профит, дознаваме неофицијално.
Првично да се реши проблемот со физички лица што се јавуваат како изведувачи на големи градежни проекти, како и на станбено-деловен простор од кој при продажба остваруваат голем профит. На удар ќе бидат и плацовите за продажба на половни автомобили, кои увезуваат стотици возила годишно, но не преку фирма, туку како физички лица.
Дневник