Семејна драма завршила со смрт во Кочани, откако маж со нож си ја прободел сопругата, за потоа да се обеси, пишува ТВ Стар. Насилството кое се претворило во трагедија се случило во семејниот дом на сопружниците во т.н. Белско маало во Кочани.
Таму, мажот најнапред жестоко ја тепал сопругата, а потоа и со кујнски нож ја прободел во десната рака, по што го напуштил домот. Во семејната куќа каде живеел со сопругата и двете ќерки се вратил два дена подоцна, но не за да се смири со семејството, туку за да се обеси и тоа на терасата, додека најблиските спиеле во куќата. Обесен, 52-годишниот кочанец со иницијали С.А. први го виделе комшиите кои утринава тргнале на работа:
„Околу шест часот наутро минувачи и комшии го виделе како виси на терасата , тој се обесил откако претходно ја претепал својата сопруга“, рекоа соседи.
Што и како се случувало изминатите две дена со С.А. не знае никој, но веројатно е дека одлуката за смрт ја донел токму додека бил сам и далеку од семјството.Инаку, во Кочани и во маалото тој важел за пристоен човек, па неговото насилство и смрт, за многумина се изненадување:
„Тој овде во населбата беше друштвен човек и досега вакво нешто не се случило овде“, велат соседите.
Инаку, сопружниците во брак биле скоро 30 години и инциденти и проблеми меѓу нив, видливи за јавноста, досега немало.