Бугарија планира да забрани регистрација на моторни возила за странците што немаат постојана адреса на живеење кај нив, а со измените на законот се планираат построги контроли дали навистина живеат на пријавената адреса, пишуваат тамошните медиуми, пренесува Дневник.
Ова отвара низа прашања кај нас за тоа дали и како Македонците што имаат бугарски пасоши и се пријавени фиктивно на адреса во соседна Бугарија ќе можат да ги регистрираат автомобилите по донесувањето на новиот закон.
Според бугарските медиуми, целта е да се искорени праксата странци да регистрираат автомобили во Бугарија за да плаќаат даноци пониски отколку во матичната држава. Исто така, според нив, со ова ќе се прекине досегашната пракса граѓани од други држави со полномошно да можат да возат автомобили во Бугарија.
Според бугарските медиуми, Македонците се најдобри муштерии на тамошните автопазари за стари возила, кои се блиску до граничните премини. Дел од возилата се одјавуваат, а дел влегуваат со бугарски таблички.
– Kлиентите од Македонија не жалат пари ако им се допадне автомобил. Бараат дополнителна опрема, кожени седишта, убаво озвучување. Плаќаат од 20.000 до 40.000 лева или до 20.000 евра. Можеби изгледа скапо, но никаде во Европа нема луксузни возила стари до пет години за таа цена – пишуваше неодамна бугарски „Стандарт“.