Нови правила за автошколите и полагање возачки испит


Министерство за внатрешни работи подготви правилник со кој се пропишуваат поблиските критериуми, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи, пишува emagazin.mk

И покрај протестите на автошколите МВР во правилникот ја остави обврската во возилата да има камери.testovi vozacki

Правилникот ви го пренесуваме во целост:

I. ОПШТА ОДРЕДБА

Член 1

Со овој правилник се пропишуваат поблиските критериуми, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи.

II. ПОБЛИСКИ КРИТЕРИУМИ, НАЧИН НА РАБОТА НА АВТОШКОЛИТЕ, СТРУЧНИОТ КАДАР И ОПРЕМАТА СО КОЈА ТРЕБА ДА РАСПОЛАГААТ

Член 2

Од страна на автошколата за оспособување на кандидатите за возачи се обезбедува:

1. просторија (училница) од најмалку 20 м2 деловен простор со видео надзор

опремена за изведување на теоретска настава;

2. простор уреден за прием на кандидати за возачи и за работа на стручниот раководител на автошколата, деловен простор од најмалку девет м2;

3. наставни средства, помагала и информатичка опрема за спроведување на наставната програма;

4. сообраќаен автодром (полигон);

5.возила за оспособување на кандидати за возачи и

6. стручен кадар.

1. Просторија (училница) опремена за изведување на теоретска настава

Член 3

(1) Просторијата за изведување на теоретската настава (во натамошниот текст: училницата) е опремена на начин што обезбедува услови за изведување на теоретска настава, непречено учење на кандидатот за возач и спроведување на пробниот тест.

(2) Училницата од ставот (1) на овој член располага со просторна површина од најмалку 1,5 м2 по кандидат за возач, односно најмалку пет м2 за предавачот по наставна програма за сообраќајните правила и прописи (теоретски дел).

(3) Училницата е опремена со видео надзор, една работна маса, една училишна табла и училишен прибор, техничкo – информатичка опрема според нормативот за опремување на училишен кабинет за сообраќајно образование и воспитание со можност за истакнување на цртежи и прикажување на филмови и анимации. Во однос на површината, опременоста, греењето, вентилацијата, осветлувањето и санитарниот чвор, училницата ги исполнува критериумите согласно прописите од областа на образованието и науката.

(4) За обезбедување на видео надзор согласно ставот (3) на овој член, училницата е опремена со камери кои согласно димензиите и карактеристиките на просторијата ќе овозможат квалитетен видео запис од кој може да се препознае кандидатот за возач и предавачот од целокупниот процес на обука по наставен план и програма од теоретскиот дел, со можност за архивирање и документирање на снимениот материјал од спроведеното оспособување на кандидат за возач.

(5) Снимениот материјал од ставот (4) на овој член се чува во просториите на автошколата 30 дена од денот на издадената потврда дека кандидатот поседува потребно знаење од правилата за сообраќајот на патиштата и сообраќајните знаци и потврда за спроведена обука по теоретскиот дел на програмата за оспособување на кандидат за возач, во согласност со прописите за заштита на личните податоци.

2. Простор за прием на кандидати за возачи и за работа на стручниот раководител на автошколата

Член 4

(1) Просторот за прием на кандидати за возачи и за работа на стручниот раководител на автошколата, е уреден и обезбедува услови за менаџирање со работата на автошколата.

(2) Просторот од ставот (1) на овој член е деловен простор и ги исполнува стандардите согласно прописите за општите мерки за безбедност и здравје при работа за работни и помошни простории и простори.

3. Наставни средства, помагала и информатичка опрема за спроведување на наставната програма

Член 5

За спроведување на наставната програма, од страна на автошколата се обезбедува:

1. шеми на сообраќајни знаци, ознаки на коловозот и знаци кои во сообраќајот ги дава униформиран полициски службеник;

2. шеми, цртежи, фотографии или други помагала за објаснување на правилата на сообраќајот (престигнување, првенство на минување, промена на правецот на движење, престројување, запирање и паркирање, сопирен пат при разни брзини и сл.), сообраќајни ситуации и елементи на патот, кои може да бидат и во електронска форма;

3. модели или шеми на уредите на моторните возила што се од значење за безбедноста на сообраќајот на патиштата (уреди за управување, уреди за сопирање, уреди за давање светлосни знаци и за осветлување на патот и на возилото и за означување на возилото, пресек на пневматик и сл.), кои може да бидат и во електронска форма;

4. комплет опрема на возилата од соодветната категорија;

5. пресек, модел на дизел мотор или цртеж (со пресек) на дизел мотор за моторни возила од „Ц1“, „Ц“, „Д1“ и „Д“ категории;

6. шеми, цртежи, фотографии, филмови, соодветна информатичка опрема (компјутери, проектор, уреди за видео презентација, телевизор, графоскоп или други технички уреди) за изведување на настава и

7. потребна стручна литература од областа на прописите за безбедноста на сообраќајот на патиштата (закони, правилници, учебници, прирачници, тест-вежби и списанија) за оспособување на кандидати за возачи и за стручно усовршување на возачи-инструктори.

4. Сообраќаен автодром (полигон)

Член 6

(1) За почетното оспособување на кандидати за возачи на моторно возило или трактор, од страна на автошколата се обезбедува сообраќаен автодром (полигон), кој се состои од една или повеќе површини кои претставуваат целина, обележани сообраќајни површини за изведување на дејствија со возило што се предвидени во програмата за почетно оспособување на кандидати за возачи при практично управување со моторно возило или трактор, како и за полагање на возачкиот испит, а не се јавни патишта.

(2) Сообраќајниот автодром (полигон) има соодветен сообраќаен приклучок на јавен пат, а на видно место е истакната табла со димензии 160х100 см, на која е впишан бројот на одобрението за употреба и категориите за кои е издадено од страна на надлежното министерство, називот на правното или физичкото лице кое стопанисува со истиот, како и назив на субјектите кои го користат под закуп.

(3) Сообраќајно техничките елементи на сообраќајниот автодром (полигон) ги исполнуваат стандардите согласно техничките прописи за изградба на патиштата и се обележани и означени со вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација (сообраќајни знаци и ознаки на патот), согласно прописите за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот.

(4) Сообраќајно-техничките елементи на сообраќајните површини од ставот (3) на овој член се определени со Скица која е дадена во Прилог број 1, Прилог број 1.1, Прилог број 1.2 и Прилог број 1.3, кои се составен дел на овој правилник.

5. Возила за оспособување на кандидати за возачи

Член 7

Оспособувањето на кандидатите за возачи се врши со возила и тоа за:

1. „А1“ категорија со моторно возило од „А1“ категорија, мотоцикл без приколка, со зафатнина од најмалку 120 cm3, кој може да постигне брзина од најмалку 90 km/h;

2. „А2“ категорија со моторно возило од „А2“ категорија, мотоцикл без приколка, со зафатнина од најмалку 400 cm³ и моќност на моторот од најмалку 25 kW;

3. „А“ категорија со моторно возило од „А“ категорија, мотоцикл без приколка, со зафатнина од најмалку 600 cm³ и моќност на моторот од најмалку 40 kW;

4. „Б“ категорија со моторно возило од „Б“ категорија, кое може да има и автоматски менувач, возило на четири тркала што може да постигне брзина од најмалку 100 km/h;

5. „БЕ“ категорија со група возила „БЕ“ категорија, комбинација составена од возило од категорија Б и приколка со најголема дозволена маса од најмалку 1000 kg, што може да постигне брзина од најмалку 100 km/h, кое не спаѓа во Б категорија. Товарниот дел од приколката се состои од затворена кутија (постојана или привремена изведба со церада) која е широка и висока најмалку колку што е широко и високо моторното возило, а затворената кутија може да биде помалку широка од моторното возило доколку можноста за гледање преку ретровизор е можна единствено со употреба на надворешни ретровизори на моторното возило, а приколката има најмалку 800 kg реална вкупна маса;

6. „Ц1“ категорија со моторно возило од „Ц1“категорија, возило со најголема дозволена маса од најмалку 4000 kg, должина од најмалку 5 m, што може да постигне брзина од најмалку 80 km/h, опремено со анти-блокирачки сопирачки .Товарниот дел се состои од затворена кутија (постојана или привремена изведба со церада) која е широка и висока најмалку колку и кабината;

7. „Ц1Е“ категорија со група возила од „Ц1Е“ категорија, комбинација составена од возило од категорија Ц1 и приколка со најголема дозволена маса од најмалку 1.250 kg, оваа комбинација е со должина од најмалку 8 m и може да постигне брзина од најмалку 80 km/h. Товарниот дел од приколката се состои од затворена кутија (постојана или привремена изведба со церада) која е широка и висока најмалку колку и кабината, приколката има најмалку 800 kg реална вкупна маса;

8. „Ц“ категорија со моторно возило од „Ц“ категорија, со најголема дозволена маса од најмалку 12 000 kg, должина од најмалку 8 m, ширина од најмалку 2,4 m, што може да постигне брзина од најмалку 80 km/h, опремено со анти-блокирачки сопирачки. Товарниот дел се состои од затворена кутија (постојана или привремена изведба со церада) која е широка и висока најмалку колку и кабината, возилото има најмалку 10 000 kg реална вкупна маса;

9. „ЦЕ“ категорија со група возила од „ЦЕ“ категорија, комбинација од возило од Ц категорија и приколка со должина од најмалку 7,5 m, при што комбинацијата има најголема дозволена маса од најмалку 20 000 kg, должина од најмалку 14 m и ширина од најмалку 2,4 m и може да постигнат брзина од најмалку 80 km/h.Товарниот дел се состои од затворена кутија (постојана или привремена изведба со церада) која најмалку е широка и висока колку и кабината, комбинацијата има најмалку 15 000 kg реална вкупна маса;

10. „Д1“ категорија со моторно возило од „Д1“категорија, возило со најголема дозволена маса од најмалку 4000 kg, со должина од најмалку 5 m, може да постигне брзина од најмалку 80 km/h, опремена со анти-блокирачки сопирачки;

11. „Д1Е“ категорија со група возила од „Д1Е“категорија, комбинација составена од возило од категорија Д1 и приколка со најголема дозволена маса од најмалку 1250 kg и може да постигне брзина од најмалку 80 km/h.Товарниот дел од приколката се состои од затворена кутија (постојана или привремена изведба со церада) која е широка најмалку два метри и висока два метри, приколката има најмалку 800 kg реална вкупна маса;

12. „Д“ категорија со моторно возило од „Д“ категорија, возило со должина од најмалку 10 m и ширина од најмалку 2,4 m што може да постигне брзина од најмалку 80 km/h, опремено со анти-блокирачки сопирачки;

13. „ДЕ“ категорија со група возила од „ДЕ“ категорија, комбинација составена од возило од категорија „Д “ и приколка со најголема дозволена маса од најмалку 1250 kg, ширина од најмалку 2,4 m, може да постигне брзина од најмалку 80 km/h.Товарниот дел од приколката се состои од затворена кутија (постојана или привремена изведба со церада) која е широка два метри и висока два метри, приколката има најмалку 800 kg реална вкупна маса;

14. возачи на трактори, со трактор (со кабина) кој не е со гасеници и приклучно возило со носивост од најмалку 1.500 kg.

Член 8

(1) Возилата на автошколата за оспособување на кандидати за возачи и за полагање на возачкиот испит покрај задолжителната опрема согласно закон, се опремени и со:

1.внатрешно огледало за возилата од „Б“ категорија;

2. апарат за гаснење на пожар;

3. посебна ознака со натпис „Автошкола“ која ноќе и во услови на намалена видливост е осветлена. Ознаката е со димензии 75х15 cm. и има сопствен извор на светлина. Се поставува на највисокиот дел на возилата од сите категории, освен на возилата од категориите „А1“, „ А2“ и „А“;

4. Сигурносен рефлектирачки елек во жолта боја со впишана латинична

буква „L“ во бела боја со димензии 15х9х3 cm, на сина основа со димензии 25×25 cm. за возилата од категориите „А1“, „ А2“ и „А“;

5. Камера со двострано снимање со сопствен извор на напојување, поставена во внатрешниот дел на возилото на предното ветробранско стакло, освен за возилата од „А1“, „А2“ и „А“ категории и Ф национална категорија каде е поставена во возилото управувано од возачот инструктор кој ја спроведува обуката. Камерата овозможува квалитетен видео запис од кој може да се препознае кандидатот за возач и возачот инструктор, целокупниот процес на спроведената обука по наставниот план и програма од практичен дел со можност за архивирање и документирање на снимените податоци.

6. Уред за воспоставување аудио врска за возилата од категориите „А1“, „ А2“ и „А“.

(2) Посебна таблица со буквата „L“ на возилото со кое се врши практично оспособување на кандидатот за возач се истакнува на предната и задната лева страна од возилото, освен на возилата од категориите „А1“, „ А2“ и „А“, каде што се истакнува само една таблица на задната страна од возилото.

(3) Снимениот материјал од ставот (1) точка 5 на овој член се чува во автошколата, согласно прописите за заштита на личните податоци, во период од 90 дена од денот на издавање на потврдата на кандидатот за возач.

Член 9

(1) Возилата за оспособување на кандидати од категориите „Б“ „ Ц1“ и „Ц“ се опремени со двојни ножни команди, технички исправни и регистрирани во Република Македонија.

(2) Возилата за оспособување на кандидати за возачи од останатите категории треба да се технички исправни и регистрирани.

(3) Возилата од ставот (2) на овој член кои се користат под закуп, може да бидат закупени само од една автошкола, на начин што едно исто возило не се користи за обука во две автошколи.

6. Стручен кадар

Член 10

Стручниот кадар во автошколата го сочинуваат: стручен раководител, најмалку еден предавач по наставна програма за сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и најмалку двајца возачи-инструктори од категоријата „Б“ за спроведување на наставната програма за управување со возило (практичен дел).

Член 11

(1) Од страна на стручниот раководител од членот (10) од овој правилник се планира и контролира наставниот процес во автошколата, се помага при спроведувањето на обуката со кандидатите за возачи, се води евиденција (освен евиденциите од член 29 став (1) точки 3 и 6 од овој правилник), се врши воведување во работата на новите возачи-инструктори и предавачи согласно наставната програма за сообраќајни правила и прописи (теоретски дел), се следи работата на автошколата, се надгледува работата на вработените, се анализира и следи работата на автошколите согласно законските и подзаконските прописи.

(2) Во случај на објективна попреченост во извршување на своите работни задачи (боледување и годишен одмор) стручниот раководител се заменува од страна на лице кое е вработено во автошколата, кое ги исполнува условите за стручен раководител, но не повеќе од 30 работни дена во текот на една календарска година.

(3) Заради сложеноста и спецификата на работа, стручниот раководител се ангажира од страна на автошколата на определено или неопределено време со полно работно време, согласно закон.

Член 12

(1) Од страна на предавачот по наставна програма за сообраќајни правила и прописи (теоретски дел), покрај спроведувањето на предвидената настава согласно предвидената наставна програма наменета за кандидати за возачи на моторни возила за определени категории, се проверува дали кандидатот за возач поседува потребно знаење од правилата за сообраќајот на патиштата и сообраќајните знаци пред да отпочне со практично оспособување и се водат евиденциите од член 29 став (1) точки 3 и 6 од овој правилник.

(2) Во случај на објективна попреченост во извршување на своите работни задачи (боледување и годишен одмор), предавачот по наставна програма за сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) во автошколата се заменува од страна на лице кое е вработено во автошколата и ги исполнува условите за предавач утврдени со закон, но не повеќе од 30 работни дена во текот на една календарска година.

(3) Заради сложеноста и спецификата на работата, предавачот по наставна програма за сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) се ангажира од страна на автошколата на определено или неопределено работно време со полно или скратено работно време, но не помалку од 20 часа неделно, согласно закон.

(4) Во случај кога автошколата има предавач на определено или неопределено време, со полно работно време согласно закон кој не е ангажиран како стручен раководител во автошколата, истиот може да врши практично оспособување на кандидати за возачи најмногу до 10 наставни часа неделно, согласно закон.

Член 13

(1) Кандидати за возачи од определена категорија на возила се оспособуваат од страна на возач-инструктор за спроведување на наставната програма од делот на управување со возило (практичен дел), согласно дозволата за возач-инструктор и лиценцата за возач-инструктор, на начин и постапка утврдени со закон.

(2) Заради сложеноста и спецификата на работа, возачот-инструктор се ангажира од страна на автошколата на определено или неопределено работно време со полно работно време, согласно закон.

III. НАСТАВЕН ПЛАН И ПРОГРАМА ЗА ОБУКА

Член 14

(1) Наставниот план и програма за обука на кандидатите за возачи на моторни возила, возачи на мотоцикли и за возачи на трактори се состои од теоретски и практичен дел.

(2) Наставниот план и програма за обука на кандидатите за оспособување на кандидати за возачи за управување со мобилна машина, мотокултиватор, велосипед со помошен мотор, мопед и лесни четирицикли, се состои само од теоретски дел, за што автошколата издава потврда.

1. Теоретски дел

Член 15

(1) Теоретскиот дел на програмата за оспособување на кандидати за возачи на моторни возила се состои од изучување на сообраќајни знаци, правила и прописи, како и хумано однесување и етика во сообраќајот.

(2) Теоретскиот дел на програмата за оспособување на кандидати за возачи на трактори, мобилни машини, мотокултиватори и велосипед со помошен мотор и мопед ги опфаќа само прописите за безбедноста на сообраќајот на патиштата што се однесуваат на правилата на сообраќајот на патиштата, сообраќајните знаци и нивното значење и знаците што ги даваат униформирани полициски службеници при вршење на контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата, како и опасностите и последиците кои настануваат поради неправилно преземање на дејствија во сообраќајот и основите на функционирањето на уредите на возилата на моторен погон значајни за безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Член 16

(1) За изведување на теоретскиот дел од програмата за оспособување на кандидати за возачи на возила на моторен погон (моторни возила, мотоцикли, трактори и мобилни машини) за следниве категории и национални категории на возила се предвидуваат:

– за „АМ“ категорија – 12 наставни часа;

– за „А1“ категорија – 16 наставни часа;

– за „А2’ категорија – 16 наставни часа;

– за „А“ категорија – 16 наставни часа;

– за „Б“ категорија – 20 наставни часа;

– за „БЕ“ категорија – четири наставни часа;

– за „Ц1“ категорија – десет наставни часа;

– за „Ц1Е“ категорија – четири наставни часа;

– за „Ц“ категорија – десет наставни часа;

– за „ЦЕ“ категорија – четири наставни часа;

– за „Д1“ категорија – десет наставни часа;

– за „Д1Е“ категорија – четири наставни часа;

– за „Д“ категорија – десет наставни часа;

– за „ДЕ“ категорија – четири наставни часа;

– за „Ф“ национална категорија -12 наставни часа;

– за „Г“ национална категорија -12 наставни часа.

(2) На возачот на кого му е издадена возачка дозвола од „А1“, „А2“ и „А“ за оспособување за „Б“ категоријa се предвидуваат четири наставни часа.

(3) На возачот на кого му е издадена возачка дозвола од категорија „АМ“ и националните категории „Ф“ и „Г“ за оспособување за „Б“ категорија се предвидуваат осум наставни часа.

(4) На возачот на кого му е издадена возачка дозвола од „Б“ категорија,за оспособување за категориите „А1“, „ А2“ и „А“ се предвидуваат четири наставни часа.

(5) На возачот на кого му е издадена возачка дозвола од категориите „Ц1“, „Д1“, „Ц1Е“, „Д1Е“ категории, за оспособување за „Ц“, „Д“,„ЦЕ“ и „ДЕ“ категории се предвидуваат четири наставни часа.

Член 17

(1) За изведената обука од членот 16 од овој правилник автошколата издава потврда за спроведена обука по теоретскиот дел на програмата за оспособување на кандидат за возач, освен за кандидатите за возачи за категориите А1, А2, А, Б и национална категорија Ф.

(2) Потврдата од ставот (1) на овој член, ги содржи следните податоци:

– податоци за автошколата (правно лице);

– број од матична книга;

– име, име на еден од родителите и презиме на кандидатот за возач;

– година на раѓање;

– адреса на живеење/ престојувалиште;

– времетраење на наставата;

– категорија на моторно возило;

– број на наставни часови;

– име и презиме на предавачот;

– потпис на стручниот раководител и

– печат на автошколата.

(3) Образецот на потврдата од ставот (1) на овој член е даден во Прилог број 2, кој е составен дел на овој правилник.

Член 18

Наставниот час од теоретскиот дел на програмата трае 45 минути и во еден ден кандидатот за возач може да реализира најмногу четири наставни часа.

Член 19

(1) Проверката на кандидатите за возачи од познавањето на правилата на сообраќајот на патиштата и сообраќајните знаци се врши со писмено тестирање на претходно изготвен пробен тест.

(2) По спроведената проверка на потребните знаења од ставот (1) на овој член, автошколата издава потврда дека кандидатот поседува потребни знаења од правилата на сообраќајот на патиштата и сообраќајните знаци.

(3) Тестирањето од ставот (1) на овој член го спроведува предавач вработен во автошколата по претходно одржана теоретска настава.

(4) Пробниот тест за проверка на знаењата содржи прашања кои се вреднуваат со бодови во зависност од содржината на прашањето.

(5) Кандидатот за возач го поседува потребното знаење ако во одговорот на пробниот тест постигне најмалку 85% од вкупниот број бодови.

(6) Содржината на тестот од ставот (3) на овој член не може да биде идентична со содржината на тестот за полагање на возачки испит.

(7) Тестовите со кои е извршена проверката се чуваат во автошколата најмалку две години од денот на тестирањето.

(8) Образецот на Потврдата од ставот (2) на овој член е даден во Прилог број 3, кој е составен дел на овој правилник.

2. Практичен дел

Член 20

(1) Практичниот дел на програмата за оспособување на кандидатите за возачи на моторни возила, мотоцикли и трактори се однесува на изведување на дејствија со моторно возило, мотоцикл или трактор што се од значење за успешно и безбедно управување во согласност со правилата на сообраќајот и условите на патот и во сообраќајот, како и за совладување на техниката и вештината за управување со возилото.

(2) На секој кандидат за возач, по спороведената обука од ставот (1) на овој член автошколата му издава потврда за оспособеност на кандидат за возач на моторно возило.

(3) Потврдата од ставот (2) на овој член ги содржи следните податоци:

– податоци за автошколата (правно лице);

– број од матичната книга;

– име, име на еден од родителите и презиме на кандидатот за возач;

– година на раѓање;

– адреса на живеење/престојувалиште;

– времетраење на наставата;

– категорија на моторно возило;

– број на наставни часови;

– име и презиме на возачот-инструктор;

– потпис на стручниот раководител и

– печат на автошколата.

(4) Образецот на потврдата од ставот (2) на овој член е даден во Прилог број 4 и Прилог број 4.1, кои се составен дел на овој правилник.

Член 21

Наставниот час за практично оспособување трае 45 минути и во текот на еден ден кандидатот може да се оспособува најмногу два наставни часа.

Член 22

(1) Изведувањето на наставата од практичниот дел на програмата за оспособување на кандидати за возачи на моторни возила, мотоцикли и за возачи на трактори се врши со почетно оспособување на сообраќаен автодром (полигон), а потоа оспособувањето продолжува на јавен пат надвор од населено место и на јавен пат во населено место, во денски и ноќни услови.

(2) Вкупниот број на наставни часови за практично оспособување на кандидати за возачи, изнесува:

– за „А1“ категорија – 16 наставни часа;

– за „А2“ категорија – 16 наставни часа;

– за „А“ категорија – 16 наставни часа;

– за „Б“ категорија – 36 наставни часа;

– за „БЕ“ категорија – осум наставни часа;

– за „Ц1“ категорија – 20 наставни часа;

– за „Ц1Е“ категорија – осум наставни часа;

– за „Ц“ категорија – 20 наставни часа;

– за „ЦЕ“ категорија – осум наставни часа;

– за „Д1“ категорија – 16 наставни часа;

– за „Д1Е“ категорија – осум наставни часа;

– за „Д“ категорија – 16 наставни часа;

– за „ДЕ“ категорија – осум наставни часа и

– за „Ф“ национална категорија – 12 наставни часа.

(3) Во случаите од ставот (2) на овој член, бројот на наставните часови на возачот на кого му е издадена возачка дозвола за следниве категории, изнесува:

– „Ц1“ категорија и се оспособува за „Ц“ категорија -четири наставни часа;

-„Ц1Е“категорија и се оспособува за „ЦЕ“ категорија – четири наставни часа;

– „Д1Е“категорија и се оспособува за „ДЕ“ категорија – четири наставни часа

– „Д1“категорија и се оспособува за „Д“ категорија – четири наставни часа;

– „Ф“ национална категорија и се оспособува за „Б“ категорија – 24 наставни часа.

Член 23

Почетното оспособување на сообраќајниот автодром (полигон) изнесува за:
– „А1“ категорија – четири наставни часа;

-„А2“ категорија- четири наставни часа;

– „А“ категорија – четири наставни часа;

– „Б“ категорија – шест наставни часа;

– „Ц1“ категорија – четири наставни часа;

– „Ц“ категорија – четири наставни часа;

– „Д1“категорија – четири наставни часа;

– „Д“ категорија – четири наставни часа;

– „Ф“ национална категорија – два наставни часа.

(2) Почетното оспособување на сообраќајниот автодром (полигон) за „Б“ категорија доколку кандидатот поседува „Ф“ национална категорија изнесува четири наставни часа.

Член 24

(1) Бројот на наставните часови од практичниот дел од програмата за оспособување на јавен пат надвор од населено место и во населено место, дење, за следниве категории и национални категории, изнесува:

– „А1“ категорија – десет наставни часа;

– „А2“ категорија- десет наставни часа;

– „А“ категорија – десет наставни часа;

– „Б“ категорија – 28 наставни часа;

– „БЕ“ категорија – шест наставни часа;

– „Ц1“ категорија – 14 наставни часа;

– „Ц1Е“ категорија – шест наставни часа;

– „Ц“ категорија – 14 наставни часа;

– „ЦЕ“ категорија – шест наставни часа;

– „Д1“ категорија – десет наставни часа;

– „Д1Е“ категорија – шест наставни часа;

– „Д“ категорија – десет наставни часа;

– „ДЕ“ категорија – шест наставни часа и

– „Ф“ национална категорија – осум наставни часа.

(2) Во случаите од ставот (1) на овој член, бројот на наставните часови на возачот на кого му е издадена возачка дозвола за следниве категории и националната „Ф“ категорија, изнесува:

– „Ц1“ категорија и се оспособува за „Ц“ категорија – четири наставни часа;

– „Ц1Е“ категорија и се оспособува за „ЦЕ“ категорија – четири наставни часа;

– „Д1“ категорија и се оспособува за „Д“ категорија – четири наставни часа;

– „Д1Е“ категорија и се оспособува за „ДЕ“ категорија – четири наставни часа и

– „Ф“ национална категорија и се оспособува за „Б“ категорија – 20 наставни часа.

Член 25

Бројот на наставните часови од практичниот дел од програмата за оспособување на јавен пат надвор од населено место и во населено место, ноќе, за сите категории изнесува два наставни часа.

Член 26

Наставниот план и програма за оспособување на кандидати за возачи на мотоцикли, за оспособување на кандидати за возачи на моторни возила од сите категории и за оспособување на кандидати за возачи на трактор и за возачи на мобилни машини, мотокултиватор и велосипед со помошен мотор и мопед се дадени во Прилог број 5 и Прилог број 5.1 кои се составен дел на овој правилник.

IV. ЕВИДЕНЦИИ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ВОДАТ АВТОШКОЛИТЕ ЗА ОСПОСОБУВАЊЕ НА КАНДИДАТИТЕ ЗА ВОЗАЧИ

Член 27

(1) Во автошколата се води евиденција за организирањето и спроведувањето на обуката со кандидати за возачи.

(2) Евиденцијата од ставот (1) на овој член се води рачно и електронски, со исклучок на евиденциите од членот 29 став (1) точки 3,4,5 и 7 од овој правилник кои се водат исклучиво рачно.

Член 28

(1) За водење на евиденциите од членот 29 точки 1, 2 и 6 од овој правилник кои се водат на електронски начин, автошколата поседува информатичка опрема и софтверска веб апликација со заштита, која овозможува воспоставување и водење на единствена база на податоци за спроведување на обуката со кандидати за возачи.

(2) За водење на евиденциите од ставот (1) на овој член автошколата применува соодветни технички и организациски мерки, согласно прописите за заштита на личните податоци.

Член 29

(1) За оспособување на кандидатите за возачи во автошколата се водат следните евиденции:

1. Матична книга за евидентирање на кандидати за оспособување на возачи во кои се запишува: реден број, лично име и име на еден од родителите и презиме, датум и место на раѓање, живеалиште односно престојувалиште, адреса на станот, категорија за која се оспособува, број, место и датум на издавање на уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, делот од програмата за кој се врши оспособувањето (теоретски и практичен), број и датум на потврда за спроведена обука по теоретски дел, број на одржани наставни часови, време за кое кандидатот е оспособен, број и датум на издадена потврда за извршена проверка од познавање на правилата на сообраќајот на патиштата и сообраќајните знаци (пробен тест), датум на издадена потврда за оспособување, податоци за успехот на кандидатот на возачкиот испит, име и презиме на инструкторот што го оспособува и забелешка;

2. Евиденција за дополнително оспособување на кандидати за возачи од практичен дел во кој се запишува: реден број, лично име, име на еден од родителите и презиме, датум и место на раѓање, живеалиште, односно престојувалиште, адреса на станот, категорија за која се оспособува, делот од програмата за која се врши оспособувањето, број на одржани наставни часови, време за кое се одржани часовите, име и презиме на инструкторот и забелешка;

3. Дневник за евидентирање на изведениот теоретски дел на програмата за оспособување на кандидатите за возачи во кој се запишува: број под кој кандидатот е запишан во матичната книга, датум и час на одржаната настава, категорија за која се оспособува, наставен предмет што се предава и наставната единица, потпис на наставникот и име и презиме на кандидатите што ја посетувале наставата со своерачен потпис и забелешка;

4. Картон за евидентирање за оспособување на кандидатите за возачи од практичниот дел на програмата за оспособување на кандидатите за возачи во кој се запишува: називот на автошколата, име и презиме на кандидатот датум и место на раѓање, адреса на живеалиште/престојувалиште, телефонски број, број на лекарско уверение, име и презиме на инструкторот, бројот под кој кандидатот е запишан во матичната книга, категорија за која се оспособува, тип, марката и регистарскиот број на возилото и сопственост, податоци за траењето на оспособувањето на кандидатот (датум, опис на работата, време на способување, број на наставен час, потпис на кандидатот, потпис на инструкторот, со опис на работата и своерачен потпис на возачот инструктор и кандидатот за возач како и мислење на возачот инструктор за подготвеноста на кандидатот за возач со забелешка: е подготвен, не е подготвен и потребно е дополнително оспособување од одредена наставна содржина, место и датум, потпис на стручниот раководител и место за печат;

5. Картон за евидентирање за дополнително оспособување на кандидати за возачи од практичен дел кој ги содржи истите податоци предвидени во точка 4 на овој член;

6. Евиденција за извршена проверка на знаењето на кандидатот за возач од областа на познавање на правилата во сообраќајот на патиштата и сообраќајните знаци, во кој се запишува: реден број, лично име , име на еден од родителите и презиме, датум и место на раѓање, живеалиште односно престојувалиште, адреса на станот, категорија за која се оспособува („А1“ категорија, „А2“, А категорија, „Б“ категорија и „Ф“ национална категорија), датум на извршена проверка, број на пробниот тест, по кој пат полага кандидатот, успех на кандидатот и име и презиме на лицето кое ја извршило проверката и забелешка;

7. Дневник за евиденција за работа на возачите инструктори со евиденција за посебните таблици за означување на возилото за оспособување на кандидати за возачи, во која се запишува: реден број, датум и време на оспособување, име и презиме на кандидатот за возач и број под кој е запишан во матичната книга со категорија за која се оспособува, број на „L“ табличките, датум и време на задолжување и враќање на табличките во автошколата, име и презиме на одговорно лице во автошколата кое ги издава и потпис, име и презиме на возачот инструктор кој е задолжен со истите таблички и потпис (според евиденцијата на надлежното министерство) и забелешка.

(2) Во случаите кога практичниот дел од наставата се изведува во попладневните часови или обуката се врши во ноќни услови и во случај на отсуство на стручниот раководител, возачот-инструктор сам ги задолжува и раздолжува таблиците во автошколата, по претходно одобрување од стручниот раководител и евидентирање на потребните податоци во евиденцијата од ставот (1) точка 7 на овој член.

(3) Формата и содржината на образецот за водење на евиденциите од ставот (1) точки, 1,2,3,4,5 и 6 , се дадени во Прилог број 6, Прилог број 6.1, Прилог број 6.2, Прилог број 6.3, Прилог број 6.4, Прилог број 6.5, и Прилог број 6.6 , кои се составен дел на овој правилник.

Член 30

(1) Во периодот на времетраење на забраната за вршење за оспособување на кандидати за возачи како и по престанокот на работа на автошколата, евиденцијата од членот 29 став (1) точка 1 од овој правилник се предава во Министерството за внатрешни работи за што се издава потврда.

(2) Евиденцијата од ставот (1) точка 1 на овој член, се чува како документ од трајна вредност, во писмена и електронска форма, согласно прописите за канцелариско и архивско работење.

(3) Евиденциите од членот 29 став (1) точки 2, 3, 4, 5, 6 и 7 од овој правилник, се чуваат две години во писмена и електронска форма и по истекот на овој временски период се ништат согласно прописите за канцелариско и архивско работење.

(4) Во периодот на времетраење на забраната за вршење за оспособување на кандидати за возачи, како и по престанокот на работата на автошколата, посебните таблички за означување на возилото за оспособување на кандидати за возачи од членот 8 став (2) од овој правилник се предаваат во Министерството за внатрешни работи, за што се издава потврда.

V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 31

(1) Одредбите од членовите 7 став (1) точки 1, 2 и 3, 22 став (2) алинеја 2, 23 став (1) алинеја 2 и 24 став (1) алинеја 2 ќе отпочнат да се применуваат од 8 април 2017 година.

(2) Одредбите од членот 7 став (1) точките 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13 и 14 од овој правилник ќе отпочнат да се применуваат од 8 ноември 2016 година.

Член 32

Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 90/13) освен одредбите од членот 7 став (1) точки 1 и 2 кои ќе престанат да важат со отпочнување на примената на членот 7 став (1) точки 1, 2 и 3 од овој правилник.

Член 33

Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“

emagazin.mk

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1