Ново Лисиче урива рекорди во загаденост – Скопје се дави во прашинa


Граѓаните на Скопје дишат повеќе прашина отколку кислород. Воздухот во центарот на Скопје и во населбата Ново Лисиче е „многу високо“ загаден од честички прашина со големина од 10 и 2,5 микрометри, пишува порталот greenbox.

Тоа е највисок степен на загаденост, според податоците од новата интернет страница на Министерството за животна средина која во живо ги прикажува информациите за квалитетот на воздухот од сите активни мерни станици во Македонија. Во Центар прашината е повеќе од два пати над дозволената граница, но вистинскиот рекордер по загаденост е Ново Лисиче.

Предпладне таму концентрацијата на прашината ПМ10 била 400 милиграми на метар кубен што е повеќе од 8 пати над дозволената граница од 50 милиграми и е опасно по животот.  Во Карпош и кај Ректорат загадувањето е за само едно ниво пониско од она во Центар и Лисиче односно само 2 пати позагадено од максимално дозволеното.

Од графиконите на интернет страницата може да се види дека оваа состојба е нормална во Скопје откако почна есента. Во последните 5 дена, обично пред полноќ, воздухот во оваа населба бил дури 9 пати позагаден од дозволеното.  Ноќта на 16 ноември концентрациите на ПМ 10 биле 10 пати над дозволеното ниво , а на 17  ноември дури 13 пати односно околу 650 милиграми на метар кубен.

Онлајн системот кој неодамна го пушти Министерството за животна средина е посеопфатен од „Скопје дише“, мерната станица во центарот на Скопје која е во сопственост на Градот и која неколку месеци е целосно исклучена. Новата страница се дополнува со податоци на секој час од сите активни мерни станици на Министерството.

Таа ги покажува моменталните концентрации, но постои и можност да се види квалитетот на воздухот од последните 5 дена, како и месечните извештаи.

Според анализата на Светска банка објавена неодамна, во Македонија годишно умираат по 1.350 луѓе како резултат на загадувањето на воздухот со ситни лебдечки честички (ПМ10). Притоа, ако се намали загадувањето до граничните вредности на ЕУ, би се избегнале над 800 смртни случаи, а загадувањето на воздухот ја чини економијата 253 милиони евра годишно, или 3,2 проценти од БДП во минатата година. .

Greenbox.com

Share Button

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1