Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, денеска јавно се обрати пред граѓаните на Република Македонија.
Во продолжение прочитајте го неговото целосно обраќање.
-Денес истражните органи на Република Македонија презедоа законски чекори за кои веќе сте информирани од соодветните институции и медиумите.
Чувствувам должност да се обратам пред јавноста и да ја информирам.
Во периодот помеѓу септември и ноември 2014 година остварив 4 средби со господинот Заев, претседател на СДСМ. Првата средба беше иницирана на негово барање, а понатамошните беа поврзани со првата.
На овие средби господин Заев побара од мене итно формирање на техничка влада и притоа ме информираше дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од цел државен врв, тргнувајќи од претседателот на државата, парламентот, владата, медиумите и други политички јавни лица од власта и опозицијата.
Го прашав дали е сигурен во тоа што го говори и дека е тоа странска разузнавачка служба, добив потврдни одговори.
Тој раскажа неколку телефонски разговори за кои констатиравме дека дел се точни, дел половично точни и дел неточни.
Сепак, фактот дека дел од нив беа точни укажуваше на сериозноста на ситуацијата.
Во наредни денови и недели почна јавно да говори дека поседува таков материјал, што ја засили заканата за нас и кон нас, дека ако не прифатиме формирање на техничка влада ќе го објави материјалот.
Го слушав шефот на македонската опозиција со каква гордост самоувереност и возвишеност ме информира дека странска разузнавачка служба го снабдила со нелегално и противзаконски, противуставно стекнат материјал, делумно монтиран, со цел да оствари некоја своја цел.
Не можев да верувам дека човекот кој сака да ја води државата не крие дека соработувал со странски разузнавачки служби.
Рече дека со нив имал серија средби и пак побара техничка влада. За сето ова што го говорам постојат цврсти и непобитни докази.
Поднесена е кривична пријава, меѓу кои и за лицето ЗЗ за „шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни организации.“
Се прави сериозна штета за државата, креирано сценарио на кое сите сте сведоци од почеток, во кое на крај цела држава требаше да биде заложник.
Можеби многумина ќе речат дека не требаше да ја направиме оваа постапка, но има некои работи кои ниту еден совесен човек и политичар не смее и не може да ги игнорира.
Таква работа е интересот на државата.
Ве повикувам да се запрашате што би направиле на мое место? Во цели 24 години независност на Република Македонија ниту еден политичар, ни најконтроверзниот, не направила.
Сакам да порачам дека закани и уцени и вакви местенки не прифаќам и не проаѓаат и на сите инволвирани јавно им порачувам дека ние не сме Македончиња туку Македонци.
Ова е голема штета за државата по нејзиниот углед и имиџ. Штета што тој посегна по ваков подмолен начин наместо со идеи и визија и програма.
Ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и меѓународната јавност и ве повикувам да го следите случајот и да ги гледате доказите, да ги препознаете шпекулациите.
Од денес ќе слушате секакви шпекулации, но вистината за се ќе излезе на виделина.
Курир.мк