Основното јавно обвинителство Скопје предлага поранешната директорка на ЈЗУ Клиника за дерматовенерологија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје, која е обвинета за кривично дело – Пренесување заразна болест, да биде казнета со парична казна во висина од 10 илјади евра во денарска противвредност.
-По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска до надлежниот суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против поранешната директорка на ЈЗУ Клиника за дерматовенерологија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје, која е обвинета за кривично дело – Пренесување заразна болест по член 205 став 1 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител на Судот му предложи за обвинетата да изрече парична казна од 40 дневни глоби со вредност на една дневна глоба од 250 евра, односно вкупна парична казна од 10.000 евра во денарска противвредност, соопшти Основното јавно обвинителство.
Обвинетата, се додава во соопштението, на 29 февруари се вратила во државава од регион во Република Италија преку граничниот премин Табановце. Но, притоа таа постапила спротивно на мерките и заклучоците на Владата согласно кои сите граѓани кои се враќаат од ризичните земји со зголемен број заболени од COVID-19, особено од Република Иралија, имаа обврска да останат во домашна изолација во траење од 14 дена од денот на влегување во земјава.
Исто така, со заклучоците, на сите вработени во државни и локални институции и претпријатија им беше наложено доколку во претходните две недели патувале или живеат со некој што патувал во земјите од среден или висок ризик за ширење на заразната болест, да не доаѓаат на работа и за тоа да ја известат институцијата каде работат.
-Но, обвинетата, иако како здравствено лице била свесна за ризикот, продолжила со своите работни обврски на Клиниката, а на 7 март била присутна и одржала предавање на симпозиум од об ласта на дерматолошките болести, со што ги довела во опасност сите учесници, предавачи, организатори и вработените на Клиниката. На овој начин таа заразната болест им ја пренела на седум свои колеги пред самата да биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести со позитивен наод за COVID-19, се додава во соопштението.
Од Обвинителството информираат и дека во текот на претходната постапка, јавниот обвинител направил детални проверки и ја обезбедил целокупната релеватна медицинска и друга документација која била неопходна заради утврдување на решавачките факти.
Притоа, додаваат оттаму, биле направени проверки и била побарана и обезбедена документација од Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, а биле преземени и други истражни дејствија.