Почнувајќи од 1 јануари 2016 година студентите ќе можат бесплатно да се возат во автобусите на ЈСП- Скопје. Овој проект, кој неодамна го најави премиерот Никола Груевски, веќе од утре станува реалност.
Од утре, покрај бесплатниот превоз за студентите, почнува да важи и проектот наречен „Средношколска Среда“.
Секоја среда на сите средношколци, ќе им се овозможи бесплатен превоз на жичарницата на Водно и со железничкиот сообраќај во Македонија, како и бесплатни билети за театрите, музеите и кината во државата.
-Верувам дека ќе придонесат за интересот на овие категории и ќе обезбедат дополнителна вредност во тие полиња. Овие два проекта се дел од една поширока палета од 100 мерки и проекти кои се наменети за младите и за образованието како составен дел од младинскиот живот, и кои во идниот период ќе бидат објавувани од страна на нашата политичка гарнитура, проекти и мерки на кои сериозно работевме подолг период, и тоа од страна на стручни лица, но пред се како резултат на добиени идеи од страна на младите лица кои се најмногу засегнати од младинските предизвици и најдобро ги чувствуваат младинските потреби, и како резултат на тоа имаат најдобри решенија за истите, додаде Груевски, кога ги најави двата мега проекти за млади.